/ Прочитано:

1.024

Владата ќе субвенционира решавање спорови со медијација

Четврток, 25 октомври 2012 – Владата на РМ од почетокот на 2013 година ќе ја субвенционира медијацијата во насока на стимулација на граѓаните за користење на оваа можност и за нејзино успешно функционирање во решавање на судските спорови.

Оваа мерка како што велат од Владата е со цел странките да се уверат во пракса во бенифициите од постапката за медијација, без притоа да трпат определени финансиски импликации.

До крајот на годината треба да се извршат измени во Законот за медијација и Законот за бесплатна правна помош со цел да се дефинираат услови и критериуми за субвенционирање на медијацијата од страна на државата. Рамката во која ќе се движат измените претпоставува покривање на финансиските трошоци на страните за медијација за остварување на максимум првите 4 часови од процесот на медијација, и тоа во висина од трошокот на медијацијата по час кој би изнесувал од 15 до 25 евра. Анализите и праксата покажуваат дека 4 часа се доволни за страните да се запознаат со медијацијата, да го изложат проблемот пред медијаторот кој понатаму ќе ги усмерува страните кон начинот за надминување и решавање на нивниот меѓусебен спорен однос, па и да го решат спорот. Ќе се субвенционира само медијација пред започнување на судската постапка, не онаа која би била побарана во рамките на веќе тековна судска постапка. Трошоците ќе бидат обезбедувани од Буџетот, посочуваат од Владата.

– Со субвенциите очекуваме граѓаните полесно да се одлучуваат да одат на медијација на споровите, и на дело да ја увидат корисноста од медијацијата. Бенефициите на системот на државата се пак уште поголеми бидејќи не се активира судскиот систем и се остава повеќе простор и време за решавање на навистина спорни ситуации и предмети, за кои е оправдано да се активира судскиот механизам, што значи заштеда и на време, и на пари и на кадар во судството, истакна на денешната прес-конференција владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев

Основ за законските измени и условите кои ќе се предвидат е Директивата 2008/52 на ЕУ која се однесува на Обезбедување на квалитет на медијацијата. 

Во рамките на развојот на медијацијата се размислува и во определени поглавја од судските постапки да се воведе можноста од задолжителна медијација пред почнување на судска постапка. Тоа се поглавја како заштита на потрошувачи, семејни односи и  задолжително автоосигурување. Владата ќе направи анализа за можноста за овие измени, по што ќе се оцени натамошниот тек на процесот.