/ Прочитано:

1.363

Владата на РМ усвои Предлог-закон за престанок на важењето на Законот за Совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, а предложени се и измени на Законот за заштита на сведоци

Основна цел на овој Предлог-закон е престанување на важење на Законот за Совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија и враќање на надлежноста за водење на дисциплинска постапка на Судскиот совет на Република Македонија, водејќи сметка за дадените забелешки и напатствија од меѓународните институции во делот на реформите на правосудниот систем.

Владата на Република Македонија на 38. седница донесе одлука да му предложи на Собранието на Република Македонија Предлог-закон за престанок на важењето на Законот за Совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија. Основна цел на овој Предлог-закон е престанување на важење на Законот за Совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија и враќање на надлежноста за водење на дисциплинска постапка на Судскиот совет на Република Македонија, водејќи сметка за дадените забелешки и напатствија од меѓународните институции во делот на реформите на правосудниот систем. Во образложението за овој предлог се вели дека практиката покажа дека формирање на вакво професионално тело за  покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија не ја оствари целта на основањето, туку, напротив, тоа беше формирано без да се направи целосна анализа на недостатоците во Законот за Судски совет што резултираше со негативен извештај од меѓународните институции, вклучувајќи ги  и забелешките од Венецијанската комисија.

Владата, исто така, донесе одлука и за Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Судски совет, поради правните последици што ќе произлезат од предлогот за престанок на важењето на Законот за Совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, како и поради укажувањата за неопходноста од законски измени кои на ова тело ќе му наложат поголема и неопходна транспарентност во работата на Судскиот совет и поради постојната законска одредба со која на кандидатите за судии кои не беа избрани на огласот им беше ускратено правото на жалба.

На оваа 38. седница, Владата донесе одлука да предложи на усвојување на Собранието на РМ Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци. Целта на оваа предложена законска измена е да се обезбедат услови за спроведување на Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Владата го разгледа и усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите со кој се предлага зголемување на висината на акцизата на гасно масло (дизел гориво), кое се користи како погонско гориво и на гасното масло што се користи како гориво за греење, за 3 денари.

Владата го усвои и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со цел да се обезбеди непречено остварување на  правата од пензиско и инвалидско осигурување. Со предлозите за измени на овој закон се  врши и допрецизирање на одредбите од член 61 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување кои се однесуваат на остварување право на семејна пензија за дете инвалид.

По предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата ja разгледа и информацијата за утврдување на мерки за времено згрижување на затекнатите лица под Кале и го задолжи Министерството преку ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје времено да ги смести затекнатите лица. Исто така, Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да обезбеди задолжително вклучување на сите сместени лица во Програмата за поддржаното живеење, преку која на сместените лица ќе им се помогне да добијат адекватни услови за престој, различни форми и содржини на работа за стекнување на животни и работни вештини, со цел да бидат оспособени за самостојно живеење и интеграција во социјалната средина.

На седницата Владата го утврди предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина за заемно признавање и замена на возачки дозволи.

А. Б.