/ Прочитано:

925

Владата најави нови мерки за решавање на станбено прашање

Петок, 7 декември 2012 Владата донесе две нови мерки за решавање на станбеното прашање  со кои ќе бидат опфатени 1200 семејства. Првата мерка се однесува на семејствата кои немаат валиден документ за сопственост на станот во кој живеат, а втората мерка ги опфаќа граѓаните кои останале без станови заради тоа што тие им се одземени со процесот на денационализација и им се доделени на други сопственици.

„Владата во соодветна процедура воспоставува нова и намалена цена за откуп на становите од страна на лицата и семејствата кои немаат соодветен валиден документ  за сопственост на станот во кој живеат. Тоа е групација од околу 1000 корисници, лица, односно семејства кои се вселени и живеат во становите веќе подолго време, некои повеќе и од десетина години, и кои се соочуваат со потешкотии во функционирањето. Досега постоеше методологија според која цените на овие станови беа определени на ниво блиско до пазарните цени. Затоа Владата донесе измена на Уредбата која ја уредува оваа област, со која се намалува коефициентот за пресметка на цената на станот. Врз основа на оваа изменета уредба ќе биде изготвена нова методологија, според која цената на овие станови ќе биде во просек намалена за 15 до 30% во однос на пазарната, и тоа согласно градот во кој е станот, микролокацијата, староста на зградата и времето на користење“, соопшти портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Во втората владина мерка се преземаат актиности за да се реши проблемот на лицата кои останале без станови поради тоа што нините станови биле предмет на денационализација.

„Владата зазема став и одлучи да го реши проблемот на лицата кои остануваат без станови заради тоа што становите во кои живееле досега со процесот на денационализација се доделени на други сопственици. Владата воспостави систем според кој на досегашните сопственици на становите кои биле предмет на денационализација, и соодветно се доделени на други лица, ќе им бидат обезбедени и доделени станови соодветни по квадратура и локацијата во градот во кој живеат. Се работи за решавање на проблемот на над 120 лица кои се евидентирани засега, а овој став ќе важи и за сите вакви идни случаи. “, соопшти Ѓорѓиев.