/Прочитано:

764

Владата најавува Регистар на население кој би можел да го замени пописот

Владата ја разгледа и усвои информацијата за статусот на спроведување на проектот „Регистар на население“.

 

„Од соодветната реализација на проектот се очекува во иднина дури и да го замени пописот, каков што е случајот со неколку европски земји“, истакнуваат од Владата.

Владата го задолжи Министерство за информатичко општество и администрација да спроведе активности за изработка на решение за Централен електронски регистар на население до јули 2018 година кој ќе ги содржи следниве полиња за населението во Република Македонија: име, презиме, јазик, ЕМБГ, пол, датум на раѓање, место на раѓање (држава, општина, населено место), лични документи (листа на документи со податоци за број, вид, датум на издавање, датум на важност, статус, место на издавање), мајка (ЕМБГ), татко (ЕМБГ), адреса на живеалиште (општина, населено место, улица, број – влез, стан), адреса на привремен престој (општина, населено место, улица, број  – влез, стан), државјанство (држава, статус, датум на почеток, датум на престанок), брачен статус, датум на брачен статус, сопруг/а (ЕМБГ), националност, смрт, датум на смрт, место на смрт (држава, општина, населено место).

Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда – Управа за водење на матичните книги, Државниот завод за статистика, Министерството за труд и социјална политика и им укажа на Дирекцијата за заштита на личните податоци и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, најдоцна во рок од 7 дена од денот на усвојување на информацијата, да номинираат член и заменик член во работна група за изготвување на Нацрт-закон за Закон за централен електронски регистар на население и Нацрт-закон за Закон за електронски услуги.

За реализација на овој проект, Владата ги задолжи Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за внатрешни работи до 5.10.2017 да усогласат акциски план за спроведување на проектот „Регистар на население“.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои информацијата за проценка на штети од елементарни и други непогоди кои се однесуваат за штетите настанати од ниските температури – мраз, град и поплави во 2015 и 2016 и го разгледа и усвои Акцискиот план за постапување по предметите за настанатите штети во периодот 2015 – 2016 година, а и го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да формира Комисија за прегледување на елаборатите и пријавите за штети и во најбрз можен рок да ги утврди конечниот список на лица и висината на штетите што треба да се надоместат.

M.В