Владата предложи Декларација за борба против корупцијата како стратешки приоритет на државата
Владата во Собранието предложи Декларација за борба против корупцијата како стратешки приоритет на државата и државните политики.
„Потребата за изготвување на оваа предлог – декларација произлегува од меѓународните документи за борба против корупцијата ратификувани од страна на Собранието на Република Северна Македонија, извештаите на Европската Комисија за Република Северна Македонија, домашните документи за борба и спречување на корупцијата, заклучокот бр.42 на Советот за општи работи на Советот на Европската Унија од 14 декември 2021 година, за процесот на проширување, стабилизација и асоцијација со кој што Советот го поздравува постигнатот напредок во областа на владеењето на правото, вклучително и борбата против корупцијата и организираниот криминал, дека одржливоста на овие структурни реформи е долгорочен процес, кој бара континуиран ангажман и од власта и од опозицијата и ги охрабрува сите засегнати страни да го продлабочуваат моменталниот реформски моментум и да го подобруваат конструктивниот дијалог“, се образложува во документот.
Во Декларацијата се пропишува дека Собранието на Република Северна Македонија:
1. Ја препознава потребата од обединување во борбата против корупцијата од страна на целото општество и сите политички чинители преку системски, сеопфатни и безкомпромисни мерки и реформи, проверка на потекло на имот.
2. Потенцира дека корупцијата директно го загрозува: владеењето на правото, легитимноста на власта и демократските вредности, го разорува економскиот просперитет и благосостојбата, ја зголемува сиромаштијата, ја поткопува довербата на граѓаните во државните институции, и претставува сериозна закана за остварување на основните човекови права и слободи кои ги гарантираат релевантните меѓународни документи.
3. Владата на Република Северна Македонија да продолжи со спроведување на започнатите активности за бескомпромисна борба против корупцијата, притоа користејќи ги сите расположливи законски инструменти.
3. Ги повикува сите надлежни институции, сите политички партии, граѓанскиот сектор, бизнис заедницата, граѓаните, да дадат поддршка и да се вклучат во процесот на спречување на корупцијата.
4. Ги поддржува сите предлози за изменување и дополнување на законите кои што ќе придонесат за спречување на корупцијата, подобрување и унапредување на капацитетите на институциите надлежни во делот на борба против корупцијата.
5. Ја потврдува посветеноста на сите општествени чинители за модерна, правична, просперитетна држава, за општество кое што нуди еднакви можности за сите.
6. Сите субјекти наведени во оваа декларација да се обединат во борба против корупцијата како општествен предизвик, бидејќи државниот интерес е пред личните и теснопартиските интереси.
М.В