/ Прочитано:

1.643

Владата усвои мерки за унапредување на состојбата со македонскиот јазик

Мерките предвидуваат основање на Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети и отворање и одржување на лекторатите по македонски јазик на странските универзитети. Се предвидува и формирање на Фонд за поддршка на изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области, вклучувајќи изработка на академска граматика, речник, правопис, дијалектолошки и историски проучувања. Се предвидува и сеопфатна јавна расправа за Законот за македонскиот јазик, актуелните законски решенија и предлозите за измени и дополнувања на Законот што ќе произлезат од стручната јавност на таа дебата. Со мерките се предвидува и формирање на Центар за постојана подука на новинарите и презентерите во електронските медиуми во РМ.

Владата на Република Македонија на својата последна седница усвои повеќе предлог-мерки кои ќе треба да придонесат за унапредувањето на состојбата со македонскиот јазик.

Од Министерството за култура, кое е задолжено за реализација на предлог-мерките, соопштуваат дека станува збор за мерки на кои се работело подолго време со истакнати македонисти и експерти од оваа област.

„Мерките предвидуваат основање на Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети и отворање и одржување на лекторатите по македонски јазик на странските универзитети. Се предвидува и формирање на Фонд за поддршка на изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области, вклучувајќи изработка на академска граматика, речник, правопис, дијалектолошки и историски проучувања. Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ќе прерасне во Македонистички центар со повеќе функции како што се организирање летна школа, стипендирање на поголем број странци, кои би дошле да ги изучуваат македонскиот јазик и култура, како и формирање на постојана школа за изучување на македонскиот јазик како странски јазик (Македоникум)“, информираат од Министерството за култура.

Предлог-мерките, меѓу другото, предвидуваат и формирање на Центар за постојана обука за лекторите по македонски јазик во странство, како и на Школа за подука по македонски јазик за македонските деца надвор од Македонија (летен камп).

Една од мерките предвидува дополнување, преработка и доработување на електронските бази, документи, книги, списи од развојот на македонскиот јазик од страна на стручни лица, нивно освежување и споделување на вистински, научни податоци за македонскиот јазик на глобалната мрежа.

Што се однесува до гостувањата на македонски научни работници и уметници на странските универзитети, со цел да се афирмирaат македонскиот јазик и култура, се предлага тоа да се прави преку Годишна програма со определен фонд, чии членови треба да бидат истакнати македонисти, членови на академската заедница, непристрасни и невладини експерти.

„Се предвидува и поддршка за собирачката дејност: дијалектолошки материјали, народни песни и приказни на микро ниво, како и нивна дигитализација, во и надвор од државата, особено во соседните држави. Мерките упатуваат и на поддршка на албанската, како и на другите етнички заедници, преку политика на привлечност/атрактивност, за учење на македонскиот јазик и формирање мултиетнички и повеќејазични педагошки и културни друштва. Со мерките се предвидува и обновување на родните куќи или создавање на музеи посветени на значајните личности за македонскиот јазик и култура, како и натамошна поддршка на постојните (Мисирков, Пулевски, Рацин, Џинот…) по принципот на куќата на Конески во Небрегово. Онаму каде што тоа не е можно од објективни причини, ќе се основаат и изградат нови објекти каде што би стоеле музејски поставки“, велат од Министерството за култура.

Една од предлог-мерките предвидува формирање на постојан Одбор за стандардизација на македонскиот јазик, во кој би членувале експерти од катедрите за македонски јазик, Институтот по македонски јазик, МАНУ, како и истакнати писатели, новинари, лектори…

Покрај ова, со мерките се предвидува сеопфатна јавна расправа за Законот за македонскиот јазик, актуелните законски решенија и предлозите за измени и дополнувања на Законот што ќе произлезат од стручната јавност на таа дебата.

Со мерките се предвидува и формирање на Центар за постојана подука на новинарите и презентерите во електронските медиуми во РМ.

А. Б.