/ Прочитано:

1.911

Владеењето на правото – императив за стабилни услови за водење бизнис

На тркалезната маса одржана во Стопанската комора на Македонија се дискутираше за различните аспекти на прашањето за владеење на правото во земјата и импликациите врз бизнис-амбиентот и пошироко врз целото општество. Притоа, истакнуваат од Стопанската комора, беа посочени бројни поенти од страна на учесниците во панел-дискусијата.

Принципот на владеење на правото сè повеќе го поткопуваат проблемите  поврзани со сивата економија, корупцијата, нееднаквите правила на игра, бавната администрација, дискреционите овластувања, неефикасните судски постапки, како и преголемата регулација во одредени подрачја каде што не е неопходно тоа, кои не се од вчера, туку се натрупани повеќе години наназад, посочи во воведното излагање Елена Милевска-Штрбевска од Стопанската комора на Македонија.

При презентирањето на анализата што ја направи Стопанската комора на Македонија, поврзана со степенот на владеење на правото во земјата, во согласност со Листата за проверка на Венецијанската комисија, беше посочено дека е неопходно најитно да се преземат чекори во насока на подобрување на состојбите во правосудството и пристапот до правдата, како и намалување на злоупотребите на службената положба и овластувања, особено на високите функционери бидејќи најслаби резултати се прикажани токму во овие два сегменти.

Анализата покажа дека правната уреденост на прашањата поврзани со еднаквоста пред законот, легалитетот и правната сигурност е на релативно високо ниво, но постојат големи отстапки во имплементацијата на прописите во праксата, односно нивната недоследна примена. Во таа насока, законот ќе биде закон доколку постои моќ за негово спроведување во практиката, истакна Милевска-Штрбевска.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, истакна дека иако навидум владеењето на правото не изгледа како „чиста“ економска тема, тоа е прашање од исклучителна важност за бизнис-заедницата. Притоа, проблемите со владеењето на правото се карактеристика на целиот регион на Западен Балкан, што се потврдува во дискусиите во рамките на Коморскиот инвестициски форум.

Во дебатата амбасадорот Самуел Жбогар истакна дека владеењето на правото во својата основа всушност е прашање на доверба во триаголникот граѓани-држава-судство и дека ерозијата на таа доверба води до ерозија во целото општество.

Глигор Бишев посочи дека владеењето на правото може да се набљудува како социјална инфраструктура во општеството. Потребен е социјален договор помеѓу сите чинители, за којшто е неопходна и координација при исполнувањето на договорот. Клучен елемент во тој контекст имаат институциите, чијашто ефикасност се одразува на брзината на економскиот раст на земјите.

Антони Пешев истакна дека улогата на државата е клучна за обезбедување безбедност и правда во општеството и дека тие не можат да се купат со пари. Потребна е дерегулација на системот бидејќи прекумерната регулација води до бирократизација и корупција.

Според Виктор Мизо, владеењето на правото е една од клучните работи што се предмет на разгледување од страна на странските инвеститори при нивната одлука каде да инвестираат. Тоа се гледа како индикатор за зрелоста на општеството. Во недостиг на владеење на правото во доволен обем меѓународната бизнис-заедница го користи инструментот меѓународна арбитража за заштита на своите интереси при инвестирање во такви земји.

Професорката Кикеркова истакна дека амбиентот во кој е проблематично владеењето на правото неповолно се одразува и на младите генерации студенти, а тие се идните бизнисмени и лидери на економијата.

Назим Рашиди од телевизија „Алсат“ истакна дека владеењето на правото не препознава етничка боја, туку е елемент на обединување во рамки на општеството и е пункт околу кој е потребен општествен консензус по сите линии.

Новинарот Васко Попетрески се осврна на улогата на медиумите во градењето и функционирањето на правната држава. Притоа, ја истакна релативно слабата финансиска моќ на локалниот медиумски пазар, што има свој одраз и врз квалитетот и функционирањето на медиумите во земјата.

Во завршниот сегмент на тркалезната маса и претставници на Стопанската комора се осврнаа на темата. Јелисавета Георгиева-Јовевска ги презентираше предностите на арбитражата и медијацијата како инструменти што нудат алтернатива за бизнис-заедницата за надминување на бизнис споровите. Татјана Штерјова се осврна на ефикасноста на судските постапки во граѓанските спорови, а Анета Димовска на искуствата од управните постапки.

„Стопанската Комора ќе продолжи да има проактивен однос за актуелните прашања од суштинска важност за бизнис-заедницата во земјава“, истакнаа од Стопанската комора.

М.В