/Прочитано:

1.399

Владин агент Богданов: Тврдењето на застапниците на Ел-Масри дека во пасошот нема излезен печат од државата е спротивно на доказите

Има или нема излезен печат во пасошот на Калид Ел-Масри? Одбраната на Германецот со либанско потекло и владиниот агент кој ја застапува Македонија со различни одговори и ставови по ова прашање. До крајот на годината се очекува случајот Ел-Масри против Република Македонија да добие разрешница. За овој предмет и воопшто за постапките кои се водат пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) разговарaвме со Костадин Богданов, владин агент кој ја застапува Република Македонија пред судот за човекови права во Стразбур.

Владин агент Костадин Богданов (фото: Бранко Костески)

Неодамна во ЕСЧП повторно беше отворено досието Ел-Масри. Германецот со либанско потекло ги обвинува македонските власти за противправно предавање на ЦИА, односно сите тие наводни 5 месеци колку што вели дека бил киднапиран, затворен, испрашуван, мачен и ги препишува на Македонија. Од судот бара да утврди прекршување на човековите права и материјална одговорност во висина од 300.000 евра. Кои се Вашите противаргументи?

  • Ние остануваме на ставот како што и изложивме пред судот, нормално со аргументи и материјални докази дека немало повреда на конвенциските права загарантирани со конвенцијата, значи тоа е едно, а второ што е уште позначајно дадовме доста аргументирано согледување дека неговата апликација е задоцнета, односно е пуштена задоцнето, надвор од рокот  од 6 месеци колку што налагаат конвенцијата и правилата на судот и од тие причини сметаме дека судот најпрво ќе го разгледува тој дел дали е допуштена, и доколку одлучи дека е недопуштена,  ќе ја отфрли, меѓутоа само доколку одлучи дека е допуштена тогаш ќе влезе во мериторно решавање. Значи во неговиот случај, Големиот судски совет ќе решава и за двете работи одеднаш, и за допуштеноста и за меритумот, со тоа што ние сметаме дека имаме цврсти аргументи дека истата ќе се прогласи како недопуштена и воопшто нема ни да се разгледува мериторно.

Да, но со какви материјални докази располагате, кои се најсилните докази кои ја потврдуваат приказната на тужениот, Република Македонија?

  • Имаме повеќе докази коишто нормално сега, поради постапката, не би можеле да ги изнесуваме, меѓутоа имаме материјални докази од кои може да се види кога г-нот Ел Масри влегол во државата, кога ја напуштил и од каде ја напуштил, односно преку кој премин итн., коишто нормално се на линија на она што ние го тврдиме и кои се надеваме дека судот ќе ги цени, односно ќе ги земе во предвид при одлучувањето доколку дојде до мериторно одлучување.
Значи да потсетиме, официјалната верзија на македонските власти од самиот почеток на оваа т.н. афера е дека тој влегол во државава на 31 декември 2003 година, бил задржан неколку часа на граничниот премин со цел да се испита веродостојноста на неговата патна исправа, потоа бил пуштен во Македонија каде престојувал 23 дена и ја напуштил територијата по што заминал кон Косово. Како доказ тој има влезен печат во неговиот пасош, но според одбраната тој нема излезен печат. Како е ова можно?
  • Па неговиот пасош  реално никој го нема видено, ниту ние, ниту судот. Како доказ од страна на апликантот беше приложена фотокопија од една од страниците на пасошот на Ел-Масри каде неспорно се гледаат два македонски печати, еден влезен од 31.12.03 година, и еден излезен од 23.01.04. Значи нема дилема околу постоење на печатите во пасошот. Дополнително ваквиот податок беше проверен преку централни полициски служби кои го потврдија тој факт, прецизирајќи го граничниот премин како и времето кога ја напуштил државата. Според тоа тврдењето на застапниците на апликантот дека во пасошот нема излезен печат од државата е спротивно на доказите кои тие самите ги предложија во текот на постапката.

Она што можам да го забележам е дека многу малку се зборува за доказите кои ја потврдуваат приказната на македонските власти, од друга страна пак јавноста отприлика е запознаена со доказниот материјал на одбраната, најново е дека тие меѓу другото имаат и сведоштво од поранешен функционер кој ја потврдува приказната на Ел-Масри…

  • Генерално, за нивните докази јас лично не можам да коментирам, нели судот ќе ги испитува и едните и другите докази и од тоа ќе види што е основано, а што не е. Меѓутоа можам да кажам дека ние, значи како тужена страна, дека ги доставивме сите оние докази коишто упатуваат на тоа дека навистина се случило онака како што владата тврди, односно дека таа верзија на настани е навистина она што се случило, а не она што го тврди г-нот Ел-Масри.

Според одбраната на Ел-Масри, задоцнувањето со апликацијата се должи на новите докази кои се појавиле, според нив во вакви случаи истата може да биде дозволена, каков е Вашиот коментар на ова?

  • Значи тука беше малку погрешно пренесена и преземена нашата изјава  по судењето, во смисла на тоа дека владата барала изземање на сведокот, односно изземање на неговото сведочење. Значи, ние не баравме изземање, ниту пак може да бараме изземање на определен доказ во судска постапка во Стразбур, но ние баравме тој доказ да не служи во смисла на тоа да претставува нов факт кој го прекинува течението на рокот, односно апликантот добива нови 6 месеци за апликација. Значи нивното тврдење се сведуваше на тоа дека „еве сега имаме нов доказ ни тече нов рок од 6 месеци“, меѓутоа ние тврдевме дека тој доказ реално не е нов доказ којшто тие го предлагаат и автоматски дека не го продолжува рокот за поднесување на апликација во Стразбур. Значи, повторно ќе кажам, не сме барале изземање на неговата изјава и на неговото сведочење, поради тоа што тоа не ни можеме да го бараме.

Според ова што ми го кажувате, мојата констатација е дека најсилен аргумент на Македонија е токму недопуштеноста на апликацијата бидејќи истата како што велите е надвор од предвидениот рок, ќе се сложите ли со мене?

  • Па добро во тој дел за недопуштеноста, значи имаме силен основ, доколку се гледа досегашната пракса на судот во тој дел. Доколку судот или големиот судски совет, значи, реши да ја смени досегашната пракса, во смисла на тоа од кога тече рокот од 6 месеци за поднесување на апликација кога нема домашна одлука, во друг правец, во тој случај можеби и ќе му ја засмета апликација дека му е во рок. Меѓутоа потенцирам дека доколку се гледа досегашната судска пракса низ сите овие години за вакви слични предмети каде што немало домашна одлука, а била поднесена апликација, во тој случај нашите позиции се на линија на таа пракса и сметаме дека ќе биде отфрлена.

Хипотетичко прашање, што доколку судот во Стразбур пресуди на страната на г-нот Ел-Масри, дали ова ќе ја направи Македонија соучесник во сериозно прекршување на човековите права од типот на киднапирање, нелегално затворање, мачење…?

  • Па добро, ние сметаме дека нормално нема да има утврдено повреда. Хипотетички, бидејќи неговото тужбено барање не се однесува само на повреда на еден член, туку се заснова на повреда на повеќе членови, значи на член 3, член 5, член 8 и член 13 од Конвенцијата, значи можно е судот да најде повреда само на еден од тие членови, не на сите заедно, или на два, или на ниту еден, или пак на сите. Значи пресудата, каква и да е треба прво да се види во кој дел ќе биде повредата и нормално, како и секоја пресуда, таа ќе ја извршиме, бидејќи на извршувањето на пресудите мониторинг прави Советот на Европа, Комитетот на министри и како и за сите други пресуди ќе се преземат активности да се санира повредата. Тука спаѓа и правото на паричен износ, доколку му биде досуден, нормално дека ќе му се плати.

Македонија ја ратификуваше Европската конвенција за човекови права во 1997 година. Во 1999 година веќе почнаа да пристигнуваат првите жалби против државата, колкава е бројката на жалби против РМ заклучно до денеска?

  • Мислам дека се некаде околу две илјади, со тоа што во последните години се некаде просечно по четрстотини, откако луѓето повеќе дознаа дека постои таква можност, односно Судот за човекови права во Стразбур. Меѓутоа ние немаме точен број, колку жалби се поднесени, затоа што ја имаме бројката само за оние жалби кои нас ни се комуницирани, зошто не сите жалби ни ги комуницираат назад, тоа што прво судот го гледа е основаноста, односно дали има мунимум основаност, ако го има тој минимум, ако е во рок поднесена, ги задоволува сите критериуми, дури тогаш ни ја доставува нас за одговор.

Од последниот извештај на Владиниот агент на РМ може да се утврди дека голем број од жалбите поднесени до ЕСЧП биле отфрлени,  на што се должи ова?

  • Да, точно. 85 до 90 отсто од жалбите ги отфрлаат. Воопшто не ни доаѓаат до нас за одговор затоа што или се неосновани, или се надвор од рокот од 6 месеци, или не се искористени сите домашни правни средства. Значи, процентот генерално на Европа е исто тука некаде, така што сме во просекот. Затоа има и обуки за потенцијаните апликанти за да ги знаат овие критериуми за да можат правилно да ги применуваат.

Може ли да прецизираме, кои критериуми треба да ги исполнува една апликација за да биде прифатена од страна на ЕСЧП?

  • Прво, треба да има минимум основаност на апликацијата, во смисла да има минимум повреда на правото. Вториот критериум е да бидат искористени сите домашни правни лекови. Значи, ако Врховниот суд е последна истанца, тука спаѓаат оние предмети за кои може да биде изјавена ревизија или кај кривичните предмети, пример, да има преиспитување на правосилната пресуда како правен лек итн. Бидејќи судот ги смета тие лекови за ефикасни кај нас и бара нивно искористување пред да се оди во Стразбур, а за некои повреди на права, пример, како што е слобода на изразување или слобода на здружување, тогаш последна инстанца е Уставниот суд, односно по ова може да се оди до Стразбур.

Најмногу од предметите кои се водат во Стразбур се однесуваат на прекршување на начелото за судење во разумен рок. Конкретно, во 2010 година оваа проблематика ја чинела Македонија приближно 640.000 евра,  што ја прави рекордна година,  2011 е на второ место, за истатата причина од буџетот се одлеале приближно 200.000 евра. Дали ова значи дека судењето во разумен рок и понатаму е една од најболните точки на македонското судство?

  • Сега е направена измена на законите и утврдена е и одговорност на судиите, во смисла на тоа ако има повреда констатирано од страна на судот во Стразбур со пресуда по член 6 каде што спаѓа и правото на фер судење, како и судење во разумен рок, тоа е и основ за разрешување на судијата, секако доколку има субјективна одговорност при повредата. Тоа е една работа и мислам дека судиите се далеку повнимателни сега во постапувањето, а од друга страна и самите законски решенија, што е најзначајното, се многу изменети во насока на забрзување на тој процес.  Сите апликации кои досега ги добивме или сега ги добиваме се за предмети кои биле почнати во 90-тите, има дури и предмети од 80-тите и кои реално завршиле во 2005, 2006, 2007 и кои завршиле по старите законски решенија. Во моментов, видно е дека нема застој, особено не во основните судови  и апелационите судови, можеби има мал застој само кај Врховниот суд.

Нели е малку парадоксално, тужителот толку време да ги чека нашите судови за одлука, а потоа и одлуката на судот којшто треба да утврди дека имало прекршување на начелото за судење во разумен рок,  да ја чека со години?

  • Да, имаме ситуации каде луѓето кои тужат за разумен рок пред домашната држава каде што предметот траел 7-8 години, еве да речеме работен спор кој што е итна постапка, да им стои предметот во Стразбур уште дополнителни 5-6 години, значи скоро исто колку што траела и домашната постапка. И сега судот во Стразбур ја казнува на некој начин домашната држава за судење во неразумен рок, а самиот постапува по апликација којашто ја примил пред 5 или 6 години. Меѓутоа еве сега читам по новите правила коишто сакаат да ги наметнат на судот, државите членки на Советот на Европа, се работи за декларација од Брајтон, сакаат да му направат временска рамка на судот, во рок од 2 години да ја земе апликацијата каква и да е во работа, значи и овие неприоритетните и во рок од 3 години да донесе пресуда. Секако треба да се има предвид дека судот во Стразбур решава за повреди на права на преку осумстотини милиони жители, односно на цела Европа.

Разговараше: Елена Павловска  

Објавено: 06.09.2012
>> Предметот за случајот Ел-Масри против Македонија, проследете го тука.