Влатко Токарев од Правниот факултет „Јустинијан Први“ е добитник на наградата „26 јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ за најдобар студент
Влатко Токарев од Правниот факултет „Јустинијан Први“ е добитник на наградата „26 јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ за најдобар студент од генерацијата 2015/2016 година. Се покажа дека општеството знае да ги вреднува трудот и посветеноста кон студиите, вели Токарев.
„Во текот на моите студии, посветував многу време и напорна работа, со цел во иднина да бидам најдобар што можам во професијата што сум ја одбрал, правото. Според мене, тоа го должи секој студент на ова општество. Но, се востанови дека и општеството го препозна трудот на еден студент и тој труд го наградува. Затоа сум му благодарен на Универзитетот за добиеното признание“, вели Токарев.
Влатко Токарев оваа година е дел и од тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ кој ќе учествува на најголемиот натпревар по меѓународно арбитражно право во светот, „Willem C. Vis International Commercial Arbitration Moot“. Тој вели дека подготовките за овој натпревар се непроценливо искуство што многу ќе му помогне во неговиот развој како правник.
„Професорите од Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ успеваат на одличен начин да нѐ подготват за предизвиците што претстојат во правничката професија. Мојот потенцијал како млад правник беше препознаен од Катедрата по меѓународно приватно право која ми овозможи јас и уште 6 мои колеги да бидеме дел од најпрестижниот натпревар по меѓународно арбитражно право во светот ‘Willem C. Vis International Commercial Arbitration Moot’. Станува збор за натпревар по арбитражно решавање спорови од трговски карактер и на него учествуваат најреномираните светски универзитети“, вели Токарев.
Престижниот натпревар по меѓународно арбитражно право во светот „Willem C. Vis International Commercial Arbitration Moot“ е натпревар во знаење, на кој се вреднува не само вештината, туку и содржината на презентацијата.
Тимовите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ секоја година се предводени и подготвувани од проф. д-р Тони Дескоски и доц. д-р Вангел Доковски. Поради одличната подготовка и посветеноста на студентите по право, тимот од „Јустинијан Први“ секоја година постигнува врвни резултати.
M.В