/ Прочитано:

1.062

Влезе во сила целосната забрана на ЕУ за тестирање козметички производи врз животни

Вторник, 12 март 2013 – Новите козметички производи што се произведуваат во Европската унија не смеат да содржат состојки тестирани на животни: стапува на сила целосната забрана која ја донесе Европската комисија (ЕК). Според неа земјите членки не смеат да вршат увоз и продажба на вакви производи. Оваа одлука на ЕУ беше поздравена и од организациите за заштита на животните, додека трговската групација „Козметикс Јуроп“, оценува дека забраната ги загрозува иновациите во овој сектор. 

Европската унија забрани продажба на козметички препарати што содржат состојки тестирани врз животни. Целосната забрана за продажба на производите ќе влезе во сила од денеска, со што на земјите-членки ќе им се забрани увоз и продажба, а секој кој сака да продава нови козметички производи и состојки не смее да ги тестира на животните. 

Оваа одлука ја поздравија организациите за заштита на животните, додека трговската групација „Козметикс Јуроп“, која е претставник на козметичката индустрија на ЕУ, оценува дека одлуката ја загрозува иновацијата на овој сектор. Според компанијата, чија вредност се проценува на 71 милијарди, забраната претставува закана за конкурентноста на козметичката индустрија на унијата.

Еврокомесарот за прашањата од здравствената заштита и од заштитата на потрошувачите, Тонио Борч, прецизира дека ЕК е одлучна да продолжи да го поддржува разработувањето на алтернативни методи за тестирање на можностите на козметичките производи, како и да содејствува овој пристап да биде применет и од земјите надвор од ЕУ. Според оценката на Комисијата, се уште не е можно целосно заменување на тестирањата врз животни со алтернативни методи.
Иако лабораториските глувчиња во иднина ќе бидат поштедени од тестирање на козметички состојки, потрошувачите нема веднаш да почувствуваат големи промени, бидејќи и понатаму може да се продава козметика која досега била на пазарот, а чии состојки биле тестирани на животни.
Од 2007 до 2011 година, ЕК доделила околу 238 милиони евра за барање други можности за проверка на ефектите на козметиката. За оваа цел се потрошени 25 милиони евра. Во Унијата, уште од 2004 година влезе во сила забраната на готови козметички препарати кои биле тестирани на животни.