/ Прочитано:

1.606

Вмрежување на Македонија во светските трендови за управување со цврстиот отпад

Според податоците што ги изнесе Никола Бартолини од Делегацијата на ЕУ во Македонија, во земјите членки на Европската Унија од отпадот се рециклираат 43 проценти. Тој притоа нагласи дека нивна цел е до 2030 година од отпадот да се рециклираат 65 отсто. „За правилно управување со цврстиот отпад, потребно е да се почне со едукација. Европската Унија планира да даде 36 милиони евра на располагање за градење на инфраструктура, потребна за управување со цврст отпад во Североисточниот и Источниот регион на Македонија“, истакна Бартолини.

Сигурен правен систем и увид во постојната структура се главните фактори за да дојдат инвеститори кои би вложиле финансиски средства, со цел правилно управување со цврстиот отпад. Оваа констатација ја посочи Алексеј Атудореи, претседател на Романската асоцијација за управување со отпад и член на Извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за цврст отпад ИСВА, на денешната конференција на Македонската асоцијација за цврст отпад, насловена „Вмрежување на Македонија во светските трендови за управување со цврстиот отпад“.

„Македонската асоцијација за цврст отпад напредува со голема брзина, особено во последниве три години и таа во моментов е важен партнер на централната администрација во Европската Унија. Кога се дизајнира еден систем за управување со отпад, треба да се има предвид и волјата на граѓаните да го платат тоа. На пример, во Романија за оперативните трошоци граѓаните плаќаат 70 евра, додека пак во Германија и Австрија тие изнесуваат 300 евра“, појасни Атудореи.

На настанот присуствуваше и Зоран Шапуриќ, министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, кој нагласи дека еден од приоритетите на Владата на РМ е да се преземат конкретни мерки со кои ќе бидат поттикнати општините за да заживее системот на селекција и рециклирање на отпадот.

„Многу е важна улогата и на граѓанските организации и на медиумите, кои можат на граѓаните транспарентно да им објаснат кои се придобивките од селекцијата на отпадот, дали постојат ризици или не бидејќи сме сведоци дека локалното население имаа реакции на готови проекти и тоа мора да се почитува“, потенцираше Шапуриќ.

Според податоците што ги изнесе Никола Бартолини од Делегацијата на ЕУ во Македонија, во земјите членки на Европската Унија од отпадот се рециклираат 43 проценти. Тој притоа нагласи дека нивна цел е до 2030 година од отпадот да се рециклираат 65 отсто.

„За правилно управување со цврстиот отпад, потребно е да се почне со едукација. Европската Унија планира да даде 36 милиони евра на располагање за градење на инфраструктура, потребна за управување со цврст отпад во Североисточниот и Источниот регион на Македонија“, истакна Бартолини.

Според Билјана Зефиќ, директорка на Управата за животна средина при Министерството за животна средина, консултациите и размената на искуствата со земјите членки на Европската Унија се од клучно значење за да се унапреди состојбата со управување со цврстиот отпад во Македонија.

„Првиот чекор за унапредување на состојбата со управувањето со отпадот е секако донесување законски прописи и други политички документи кои ќе ги детерминираат насоките на имплементирање на системот. Потоа следуваат активности за спроведување на политиките кои треба да придонесат за подобрување на стандардите за управување со отпадот во Македонија“, нагласи Зефиќ.

Таа истакна дека, пред сè, мора да се реши проблемот со еколошки несоодветното одлагање на отпадот на бројните нестандардни депонии, нагласувајќи дека треба итно да се затворат.

„Општинските нестандардни депонии или треба да се затворат или пак технички да се надградат до оние стандарди кои се утврдени во законската регулатива. Ваквите активности треба да бидат реализирани со воспоставување на систем за селекција на отпадот и зајакнување на секторот за третман и преработка на отпадот“, нагласи Зефиќ на настанот кој ќе продолжи и утре, а на кој учесниците ќе дискутираат за зајакнување на административните капацитети за имплементација на Рамковната директива за отпад и директивите за посебни текови на отпад.

А. Б.