/ Прочитано:

3.342

„Во адвокатурата има постојан предизвик за знаење“ – Соња Божиновска, адвокат

Најголемите предизвици во адвокатурата се во професионалниот однос со клиентите, водењето на предметите,  канцеларијата, како и финансиските одлуки и обврски.  Затоа секој адвокат е должен постојано да се усовршува во своите стручни и општи познавања, вели во интервјуто за Академик адвокатката Соња Божиновска.

Адвокатке Божиновска, што ја поттикна Вашата љубов кон правото?

Тоа е љубовта кон основните вредности на нашето постоење, живеење, љубовта кон слободата (мислата и говорот), правдата, интегритетот, каде што со своето дејствување ги остваруваме и заштитуваме граѓанските права и слободи. Впрочем, сите ние имаме предодредени предиспозиции кои во текот на животот ги насочуваме и веруваме во остварувањето на желбите. Адвокатурата е мојот избор, каде што со личен и професионален углед, со своето дејствување во правниот систем, сакам да помогнам во остварувањата на граѓанските права.

Што за Вас претставува адвокатурата?

Таа е слободна професија во рамките на правниот систем, каде што адвокатот е полномошник и советник на клиентот и негова основна должност е да ги штити и остварува неговите интереси, но истовремено со своето професионално јавно дејствување да придонесува за владеење на правото, законитоста и правичноста. Адвокатот има посебна морална одговорност да дејствува во доменот на заштита на правата и интересот на клиентот.

Но пред сè, за да се биде добар адвокат, потребни ви се многу знаење, внимание  и одговорност во работата, како и упорност во постигнувањето на целта. Со текот на времето, адвокатот со професионалниот начин на работа и начинот на однесување го гради личниот улед и придонесува за угледот на Адвокатската комора. Затоа е многу битно да се воспостават и почитуваат стандардите на професионално и лично однесување, како деонтолошка етика на адвокатите.

Како ја оценувате состојбата со адвокатурата како професија, односно кои се клучните проблеми со кои се соочува?

Во последните неколку години се соочуваме со недоверба во правниот систем, сè помалку стручност, знаење и етика во работата и секако трендот на нефункционалност во институциите. Ова не само што ја усложнува нашата работа, туку сме сведоци како еден систем од вредности се руши и не постои одговорност за последиците. Знаете, нашата улога е да ги решаваме проблемите на клиентите, но ние не можеме да се бориме со секојдневните аномалии кои се однесуваат на степенот на стручност и одговорност на лица во сите институции во кои се остваруваат граѓанските права и обврски. Исто така, се соочуваме со експанзија на нови закони и прописи кои имаат селективна примена, проблемите се бројни и сложени, а притоа адвокатите во вакви околности имаат трнлив пат за остварување на доверените проблеми и права.

Во таа насока, со какви предизвици се соочува адвокатурата?

Во адвокатурата имате константен предизвик за знаење, за ново искуство, за докажување во Адвокатското друштво.  Можеби  најголемите предизвици се во професионалниот однос со клиентите, водењето на предметите,  канцеларијата, како и финансиските одлуки и обврски.  Затоа секој адвокат е должен постојано да се усовршува во своите стручни и општи познавања. Најчесто тоа се прави преку следење и проучување на прописи и стручна литература, па сè до следење на културни, научни и политички достигнувања и  настани, а секако пожелно е активно да се учествува во општествените дејности.

Често се говори за потребата од модерна и европска адвокатура. Што, всушност, подразбираат овие епитети?

Во минатото едукацијата на адвокатите беше првенствено во теоретските знаења, а потоа во практичната работа. Денес адвокатите имаат поголеми можности со новите начини на комуникација и дигитализација, кои претставуваат големо олеснување во извршувањето на секојдневните обврски. Лично се залагам за поголеми знаења и искуство не само во нашето домашно право, затоа што потребата од европска и модерна адвокатура ни дава можност да ги покажеме својата професионалност и вредност и надвор од нашите граници и секако еднакво да се добие квалитетен третман во постигнување на целта. Меѓутоа, покрај личните заложби за повеќе знаење, искуство и советувања, сметам дека Адвокатската комора треба организирано да учествува во сите овие промени и да ја подигне вредноста на адвокатите како посебна фела во правниот систем.

Како адвокат со долгогодишно искуство, кое е Вашето мислење за враќање на довербата на граѓаните генерално во правосудството? Што е потребно приоритетно да се направи?

Иако зборуваме за недоверба во спроведувањето на законите во Судот и угледот и авторитетот на судиите кој се руши, причината се поединци кои нè доведоа до оваа криза. Не можеме и не смееме да ги критикуваме подеднакво и совесните судии кои придонесуваат за реализирањето на правото и правдата. Еден од посериозните проблеми во судот се дали одредени судии се доволно стручни и совесни во работењето, дали се прави ревизија по одлуките при укажување на повреди на правилното спроведување на законот, дали тие  се санкционирани?

Секако еден од дискутабилните проблеми се фер судење и носење одлуки во разумен рок, затоа што бавното решавање на предметите е бесмислено, при што се губи значењето на правото и правдата.

Сметам дека сите ние, учесници во реализирањето на правото, правата и слободите на граѓаните, мора да се однесуваме одговорно, тоа е наша должност, да не дозволиме да се чувствуваме несигурни и оштетени во правата поради лични интереси и злоупотреба на службената должност.

Автор на фотографиите: Апстрактен Реализам

М.В