/ Прочитано:

1.481

Во Анализата на судската мрежа се препорачува италијанскиот модел за трансформирање на судовите

Министерството за правда ја објави Анализата на судската мрежа во Република Македонија, која беше презентирана на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор.

Анализата произлегува од Стратегијата за реформи на правосудниот сектор,  која како стратешки цели на правосудниот систем ги предвидува развојот на управувањето со човечките ресурси и усогласувањето на бројот на судии во државата со европскиот просек по глава на жител.

Целта на оваа анализа, пред сè, е да се утврди состојбата во однос на обемот на работа на судовите и нивната оптовареност, да се даде една хронолошка слика за изменетите состојби во судовите и да се дадат препораки за идни активности во насока на рационализација на судската мрежа и зголемување на ефикасноста на судовите.

Во Анализата се нагласува дека сериозно мора да се работи на водењето евиденција, статистика и меѓу надлежните чинители во правосудството. Исто така, се посочува и на препораките за рационализација на судската мрежа, особено од аспект на стварната надлежност на судовите.

„Меѓу стручната јавност веќе се дебатира за рационализација на судската мрежа. Во постојната севкупна економска состојба во РМ јасно е дека не е препорачливо укинување на судовите, туку нивно трансформирање во судски одделенија на други судови, слично на Италија“, се вели во Анализата.

Во Анализата се посочува дека според компаративните вредности во другите европски држави јасно произлегува дека Македонија треба да тежнее кон намалување на бројот на судии.

Сепак, во Анализата се посочува дека во следните чекори треба да се разгледа потребата за зголемување на бројот на судиските места во повисоките судски инстанции за сметка за судиските места во судовите во прв степен.

Покрај Анализата, Министерството за правда ги објави и дополнителните документи: Оддалеченост на судови (табела), Табели и графикони за стопански предмети, Табели и графикони за судовите.

М.В