/ Прочитано:

1.084

Во август 349 граѓани од Македонија побарале азил во ЕУ

Во август 349 граѓани на Република Македонија побарале азил во земјите од Европската Унија, а од нив една третина се повторни барања откако еднаш биле одбиени, покажуваат последните бројки на Европската канцеларија за азил (ЕАСО). Сè уште 919 лица од Македонија се во исчекување на одговор од властите.

Во јули бројката на барања од Македонија била 351, а во октомври 2017 година – 505.

Граѓаните од Србија, Македонија и Таџикистан се рекордери по бројот на повторни барања за азил, што, според ЕАСО, покажува дека овие лица се долгорочно присутни во системите на азил на земјите членки на ЕУ.

Граѓаните од Македонија со еден отсто, а граѓаните од Молдавија со нула отсто имаат најниска стапка на одобрување на барањата на азил, по нив следуваат Грузија и Гана со два отсто.

Општо земено во ЕУ во август имало 48 илјади барања за азил, што претставува пад од осум илјади. Стапката на одобрување на барањата е 33 отсто. На лицата од Сирија, Јемен, Еритреја и Палестина најголеми се шансите да им бидат одобрени барањата за азил.