/ Прочитано:

1.320

Во Австрија почнуваат преговорите за формирање влада

Стартот на разговорите за составување Влада треба да се случи денеска, а аналитичарите сметаат дека најголеми шанси за влез во составот на новата Влада има Штрахе, лидерот на екстремната десница, Партија на слободата. Таканаречената црно-сина коалиција е многу логична, пишува денеска австрискиот печат, особено поради фактот дека изборните програми и на Народната партија што ја предводи Курц и на Партијата на слободата чиј лидер е Штрахе се многу блиски.

Политичките експерти во Австрија веќе наголемо дискутираат и анализираат кој би можел да биде коалициски партнер на најмладиот европски лидер, Себастијан Курц, кој е на чело на Народната партија, која пред два дена извојува победа на парламентарните избори во Австрија.

Стартот на разговорите за составување Влада треба да се случи денеска, а аналитичарите сметаат дека најголеми шанси за влез во составот на новата Влада има Штрахе, лидерот на екстремната десница, Партија на слободата.

Таканаречената црно-сина коалиција е многу логична, пишува денеска австрискиот печат, особено поради фактот дека изборните програми и на Народната партија што ја предводи Курц и на Партијата на слободата чиј лидер е Штрахе се многу блиски.

И покрај тоа што конечните резултати се очекува да бидат соопштени во четврток, нема да има големи отстапувања од првичните резултати, така што Народната партија дефинитивно е победник на парламентарните избори во Австрија, која доби поддршка од 32 отсто од гласовите на граѓаните. На второ место е Социјалистичката партија на досегашниот канцелар Кристијан Керн со досега освоени 26,9 отсто од гласовите и на трето место Партијата на слободата со 26 отсто гласови.

Откако стана сосема извесно дека Себастијан Курц ќе мора да коалицира за да формира Влада, Керн уште во текот на вчерашниот ден изјави дека тие се отворени за разговори за можна коалиција со сите партии, нагласувајќи дека не сака да затвора ниту една врата.

Австрискиот печат денеска пишува дека Керн прифаќа преговори и со екстремната десница, иако Михаел Хојпл, градоначалникот на Виена кој е исто така од Социјалистичката партија, силно се противи на коалицирање со Партијата на слободата.

Инаку, по цели 12 години отсуство, екстремната десница сега има огромни шанси да биде дел од новата австриска Влада, а овој успех на Партијата на слободата, како што оценуваат аналитичарите, произлегува од стравот кај Австријците од бранот бегалци што се случи во 2015 година.

Што се однесува пак до Себастијан Курц, за него аналитичарите велат дека 31- годишниот политичар многу успешно се наметна на политичката сцена во Австрија, пред сè, како министер за надворешни работи, а особено и откако на почетокот на оваа година застана на чело на Народната партија. Доколку биде избран за канцелар, тој ќе биде најмладиот на оваа функција што некогаш го имала Австрија.

Анкетите покажуваат дека австриските граѓани гласале за Курц поради тоа што сметаат дека е крајно време за посериозни промени во Австрија. Во текот на изминатиот период, токму младиот Себастијан Курц успеа да доминира и да се наметне како промена во политичката сфера во земјата, без оглед на фактот што Народната партија како коалициски партнер на Социјалистичката партија со години е на власт во земјата.

Германската канцеларка Ангела Меркел вчера му честиташе на Курц и изјави дека не очекува проблеми во однос на различните ставови меѓу нив во однос на прифаќањето на мигрантите.

Според последните податоци, во текот на изминатите две години, во Австрија побарале азил повеќе од 130 илјади бегалци и мигранти.

А. Б.