/ Прочитано:

880

Во делот на судството, граѓаните кај Народниот правобранител најмногу се жалеле за одложувањето на рочиштата

Годишниот извештај на Народниот правoбранител е во собраниска процедура. Во извештајот, Народниот правобранител укажува на предмети и состојби во врска со правосудството.

Претставките од областа правосудство и оваа извештајна година се најбројни (406), но се забележува значително намалување на бројот на претставки кои се однесуваат на работата на управните судови, првостепените судови и постапките водени во втор и трет степен.

Предметното работење во оваа област, се посочува во извештајот, покажува дека граѓаните во најголем број бараа заштита поради одложување на судските рочишта, а постапувањето по овие случаи покажа дека одложувањата на рочиштата беше поради состојбата со коронавирусот (ковид-19), а врз основа на одлука донесена од страна на Судскиот совет за постапување на судовите во РСМ во услови на зголемена опасност од вирусот ковид- 19.

„Од друга страна, вонредната состојба и посебниот режим на работа на судовите ја оневозможи примената на Законот за управни спорови, поточно измените во однос на можноста за одржување на јавни расправи, што се одрази на ефикасноста во постапувањето по предметите. Во таа смисла, Управниот суд и Вишиот управен суд постапуваа со задоцнување, односно со пречекорување на законски предвидените рокови. Во однос на поплаките поврзани со работата на управните судови, Народниот правобранител утврди дека и натаму поради лошата комуникација на органите на државната управа со управното судство, предметните списи не се доставуваат навремено, поради што постапките се долготрајни, а управните судови продолжуваат со праксата, наместо да донесат мериторна одлука, предметите повеќепати да ги враќаат на повторно одлучување пред управните органи чии одлуки биле оспорени. Заради заштита на правата на граѓаните во управните постапки Народниот правобранител во конкретните случаи интервенираше на начин што бараше податоците да бидат навремено прибавени, по предметите да се постапи од страна на судовите, а странките во постапките беа навремено известени за сите преземени мерки и активности. Во поглед на стечајните постапки, Народниот правобранител и оваа извештајна година бележи претставки во кои се укажува за долгото траење на овие постапки, ненавременото известување на доверителите, неможноста да ги наплатат побарувањата, иако имаат извршни исправи и сл. Оваа година поднесените претставки се однесуваа за стечајните постапки за АД Славија извоз-увоз Скопје и АД Рудници и железарници Скопје – ФАМОРД Фабрика за машинска опрема и резервни делови, а додека за стечајната постапка за АД ОХИС оваа извештајна година не се поднесени претставки, што беше случај изминатите две години кога заштита на своите права од страна на Народниот правобранител побараа повеќе од триста доверители (поранешни вработени)“, се вели во извештајот.

Останатите претставки за работата на судовите се однесуваа на ненавремно добиени одговори од страна на судовите, немање на податоци за тоа во која фаза се судските постапки и сл., наводи по кои Народниот правобранител надлежно постапуваше и навремено ги прибавуваше бараните податоци од страна на судовите и за тоа ги информираше подносителите.

Новина, се посочува понатаму во извештајот, во делот за работата на судството во овој извештаен период се зачестените обраќања и барањата на правен совет, каде што граѓаните бараа информации за најавените реформи во правосудниот сектор.

„Имено, во овие случаи странките бараа податоци за тоа кои предмети ќе можат да бидат оценувани, дали ќе бидат опфатени само кривични или само граѓански постапки, за кој период ќе се однесува оценувањето, на кој начин ќе се бираат предметите за оцена или ќе бидат опфатени сите предмети, дали ќе можат да поднесат барања и каде, за нивниот предмет да биде земен во овие постапки, доколку се утврди нестручно постапување во нивниот предмет дали ќе постоела можност за повторно водење на судската постапка и сл. Народниот правобранител во овој контекст цени дека е потребно Министерството за правда навремено да ги информира граѓаните за реформите кои ќе се направат во врска со работата на судиите, за тоа кои предмети ќе бидат земени за оценување и дали граѓаните ќе можат да поднесуваат индивидуални барања за оценување и дали при утврдени повреди истите би можеле повторно да водат судска постапка по конкретниот предмет“, се додава во извештајот.

М.В