/ Прочитано:

1.671

Во Кривичниот суд треба да започне првото судење за обвинение поведено од страна на СЈО

Според Специјалното јавно обвинителство, кое за овој случај подготви обвинение по скратена постапка, обвинетите се товарат за незаконско уништување на документација која, како што информираа во СЈО, била потребна во истрагата за откривање на начинот на кој Управата за безбедност и контраразузнавање вршела прислушување. Седумтемина обвинети се товарат и за фалсификување на службена исправа, што претставува кривично дело за кое е пропишана затворска казна до пет години.

Основен суд Скопје 1 Скопје

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да започне судскиот процес  за случајот со фалсификување и уништување на документацијата во Управата за безбедност  и контраразузнавање, што е прво судење по обвинение поведено од страна на Специјалното јавно обвинителство. Во овој случај обвинети се ексначалникот на Петата управа, Горан Грујовски, и уште шестмина вработени во УБК.

Според Специјалното јавно обвинителство, кое за овој случај подготви обвинение по скратена постапка, обвинетите се товарат за незаконско уништување на документација која, како што информираа во СЈО, била потребна во истрагата за откривање на начинот на кој Управата за безбедност и контраразузнавање вршела прислушување.

Седумтемина обвинети се товарат и за фалсификување на службена исправа, што претставува кривично дело за кое е пропишана затворска казна до пет години.

Доколку нема одложување, првото рочиште за овој случај треба да започне во 11:30 часот. Судскиот процес ќе го води судијката Лидија Петровска, која се споменува во „политички бомби“ објавени од страна на опозицијата, поради што СЈО побара нејзино изземање од овој случај. Петровска останува да го води овој прв судски процес откако Кривичниот суд го одби барањето на Специјалното обвинителство за нејзино изземање. Минатиот месец, односно на 7 октомври, Апелациониот суд ја одби жалбата на СЈО со образложение дека нема околности што предизвикуваат сомневање за непристрасност од страна на судијката Лидија Петровска.

Инаку, поранешниот началник на Управата за безбедност и контраразузнавање е првоосомничен и во случајот „Тврдина“ за уништување на системите за прислушување.

А. Б.