/ Прочитано:

1.047

Во Куба започна политичка транзиција која ќе стави крај на владеењето на Кастро

До крајот на септември, Кубанците ќе можат да се здружуваат во мали групи преку кои ќе ги предложат своите кандидати за изборите за општински совети, кои ќе се одржат на 22 октомври. На 22 октомври ќе се одржи првото од неколкуте гласања на локално, регионално и национално ниво. Во следните фази ќе бидат избрани членовите на регионалните собранија и на државниот парламент. Во текот на февруари се очекува новото Национално собрание, во кое функционира еден дом, да избере претседател на Државниот совет, како и членови на Владата на Куба.

Во Куба почна политичкиот период на транзиција што ќе трае во наредните пет месеци, а со завршувањето на транзицискиот период се очекува да заврши и шестдецениското владеење на браќата Кастро. До крајот на септември, Кубанците ќе можат да се здружуваат во мали групи преку кои ќе ги предложат своите кандидати за изборите за општински совети, кои ќе се одржат на 22 октомври.

На 22 октомври ќе се одржи првото од неколкуте гласања на локално, регионално и национално ниво. Во следните фази ќе бидат избрани членовите на регионалните собранија и на државниот парламент.

Во текот на февруари се очекува новото Национално собрание, во кое функционира еден дом, да избере претседател на Државниот совет, како и членови на Владата на Куба.

Дотогаш се очекува 86-годишниот Раул Кастро кој сега е претседател на Државниот совет да поднесе оставка, но ќе остане на чело на Комунистичката партија на Куба.

Раул во 2008 година го наследи својот постар брат Фидел, кој почина минатата година, а со земјата управуваше од Кубанската револуција во 1959 година.

По доаѓање на власт, Раул Кастро започна голем број ограничени социјално-економски реформи кои се одвиваат бавно, а со поранешниот американски претседател Барак Обама постигна договор за воспоставување на дипломатски односи и укинување на економските санкции од страна на САД.

Најверојатно следен претседател на Државниот совет ќе биде 57-годишниот Мигел Дијаз Канел Бермудес, првиот заменик  на Раул Кастро, кој во последните години се држи далеку од јавноста.

На изборите на сите нивоа, право да предлага кандидати има само Комунистичката партија која се обидува да спречи кандидирање на опозициски политичари.

Тоа, според критичарите на кубанскиот политички систем, е доказ дека се работи за бесмислени политички активности кои треба да создадат илузија за демократија во оваа земја.

Според опозицијата, околу 170 нејзини кандидати ќе се најдат на листите за номинација на општинските избори. На последното гласање, неколку кандидати на опозицијата успеаја да бидат номинирани, но изгубија на изборното изјаснување.

А. Б.