/ Прочитано:

1.429

Во Македонија и БиХ се одбележуваат 9 години од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски

Вторник 26 февруари 2013 – Во Македонија и Босна и Херцеговина денеска ќе бидат одбележани девет години од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар. Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Во Ротимље на одбележувањето на деветгодишнината од трагичната смрт на Трајковски ќе присуствува владина делегација предводена од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски. Во составот на делегацијата ќе биде и заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев.

Во Скопје, во Алејата на великаните на Градските гробишта цвеќе на гробот на Трајковски ќе положи собраниска делегација составена од Светлана Јакимовска, Сузана Салиу, Силвана Бонева и Владанка Авировиќ.

Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.

Истрагата што во 2004 година ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност. Пропустите биле во тоа што екипажот отстапил од процедурата за слетување, откако претходно ја известил контролата на летање дека ја прифаќа и дека врши полна процедура при слетувањето.

Истрагата за падот на Кингерот повторно отворена

На барање на Македонија, во декември минатата година е повторно отворена истрага откако македонското МВР и Министерството за сообраќај на БиХ собраа нови материјални докази. Меѓу членовите на истражниот тим се воздухопловни инжинери, пилоти, контролори на летање и други воздухопловни стручњаци на чело со Омер Кулиќ, советникот на министерот за сообраќај и комуникации на БиХ. Досега е познато дека 15-члената истражна комисија утврдила сериозни пропусти на првата истрага околу утврдувањето на причината за падот на владиниот Кингер Се очекува истрагата да даде одговор на прашањето зошто првичната Комисија ги пропуштила и не ги обелоденила овие докази.

Во рамки на истрагата, планирано е, меѓу другото, да се направи и симулација на кобниот лет со ист тип авион, а ќе бидат вештачени и инструментите од авионот кои се калибрирани во Белград, како и авиосервис во Германија каде „Кингерот“ бил сервисиран.