/ Прочитано:

1.210

Во Македонија по еден работник неделно го губи животот на работното место

Во Македонија по еден работник неделно го губи животот на работното место, покажуваат податоците на Македонското здружение за заштита при работа. Од Здружението за Академик велат дека ваквата поразувачка статистика се должи најмногу на недоволната имплементација на регулативата и недоволно изградената свест.

Недоволна имплементација на регулативата

„Според истражувањата, гледано години наназад, во Македонија во текот на неделата просечно околу еден работник го губи животот на работното место“, велат од Македонското Здружение за заштита при работа.

Оттаму посочуваат дека причините за тоа најмногу се должат на недоволната имплементација на регулативата, недоволната свест, недоволна информираност, а проблемот може да се лоцира кај работодавачите, но и кај работниците, особено во примената на безбедносните мерки.

 Загрижувачка состојба во областа на безбедноста и здравјето на работниците при работа

Од анализата нa податоцитe за повредите и смртните случаи на работно место во РМ во периодот следи заклучок дека во земјава постои загрижувачка состојба во областа на безбедноста и здравјето на работниците при работа.

„Загрижувачка е тенденцијата на пораст на бројот на телесни повреди на годишно ниво, а исто така алармантна станува и состојбата во одделни области во кои континуирано се забележува пораст на бројот на смртни случаи и повреди на работно место. Па се поставува прашањето станува ли работното место бојно поле и на што се должат сите овие несреќи? Анализите доведуваат до заклучок дека во Република Македонија недоволно се обезбедува безбедност и здравје за работниците при работа, што би можело да се надмине со ефективна и ефикасна примена на прописите од областа на безбедноста и здравјето при работа и промоција на стандарди за безбедност и здравје при работа“, велат од Здружението.

Од Здружението додаваат дека во Република Македонија постои евидентна разлика во статистичките податоци од областа на безбедноста и здравјето на работниците при работа, објавени во електронските и дневните медиуми и официјалните податоци од надлежните институции, која укажува на фактот од неопходно воспоставување на интегриран систем за следење и за пријавување на повредите на работа кој би овозможил евидентирање и регистрирање на сите повреди на работа.

Воспоставување на единствена методологија за евиденција 

„Неопходно е да се иницираат модули со кои би се усогласиле и би се подобриле процедурите за анализа и за пријавување на повредите на работа и професионалните заболувања од страна на сите засегнати страни, според методологијата на Европската статистика за несреќи при работа, односно неопходно е воспоставување на единствена методологија за евиденција на повредите при работа и професионалните заболувања во Република Македонија“, велат од Здружението.

Во светски рамки на секои 15 секунди работник умира од несреќа или од болест поврзана со работата

И според процените на МОТ, стотици илјади од несреќите што завршуваат со смрт се случуваат на милиони работни места низ целиот свет. Според нивните податоци, во светски рамки на секои 15 секунди работник умира од несреќа или од болест поврзана со работата и на секои 15 секунди 160 работници доживуваат несреќа поврзана со работата.

Состојбата во регионот по прашањето на безбедноста и заштита при работа е слична како и во Македонија.

Регионални искуства

Ова беше посочено и на вчерашната Регионална конференција за безбедност и здравје при работа во организација на Македонското здружение за заштита при работа.

Клучните цели на Конференцијата, кои ги имаат земјите од регионот во однос на безбедноста и заштита на здравјето при работа, се подобрување на условите за работа и зајакнување на свеста за безбедноста и заштитата на здравјето при работа.

Според Александар Гроздановски, декан на Меѓународниот славјански универзитет, регионот е некаде на исто ниво во однос на имплементацијата на безбедноста и здравјето при работа, се работи за нијанси што нè прават различни.

Лука Братец, експерт за БЗР од Словенија и претставник од Здружението на инженери за заштита при работа – Љубљана, на Конференцијата посочи дека во целиот регион не е доволно призната професијата заштита при работа. Според него, најважно е работодавачот да вложи во заштитата на работникот.

Драгослав Томовиќ, претседател на Српското здружение за заштита при работа, објасни дека тој бил член на работната група што ја изработувала стратегијата за безбедност и здравје при работа на Србија за 2013-2017 година. Тој нагласи дека една од најважните цели на Стратегијата е подигнувањето на свеста за безбедноста и здравјето при работа и промовирање на култура за безбедност и здравје при работа. Томовиќ истакна дека најризични работни места се хемиската индустрија и работата со пестициди, но на прво место е градежништвото.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

19.02.2015