Во Македонија се потребни реформи за поддршка на професионалното новинарство
„Да се одржи квалитетно и објективно новинарство е вистински одговор на лажните вести, но тоа е и начин преку кој граѓаните ќе добијат точни информации, како и различни гледишта. Многу е важно да се поддржи медиумската писменост за да можат граѓаните полесно да разберат како медиумите ја обезбедуваат и ја оформуваат информацијата, а пред сѐ, да можат многу полесно да препознаат погрешна информација. Потребни се реформи во насока на обезбедување висококвалитетно и независно новинарство, договори за работа со доволна социјална заштита, заштита од физички закани и напади за новинарите, континуирани обуки и едукација, како и континуирана соработка со домашни и меѓународни тела и здруженија“, беше истакнато на денешниот настан по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај.
Спроведување реформи и ревидирање на законодавството, мерки за поддршка на професионалното новинарство, зголемување на свеста за значењето на слободата на медиумите и медиумската писменост, како и апел за професионално извршување на новинарската професија. Ова се главните поенти кои денеска беа посочени од страна на учесниците на панел-дискусијата по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај, која беше организирана од Делегацијата на Европската Унија.
Според евроамбасадорот Самуел Жбогар во Македонија, потребни се реформи во полето на медиумите и слободата на изразување и мерки кои ќе поддржат професионално новинарство. Тој нагласи дека реформите треба да бидат во насока на безбедноста на новинарите, реформите ќе треба да се осврнат на самоцензурата и на говорот на омраза која поттикнува нетолеранција и ќе треба да се осврнат на финансирањето на медиумите и ефективниот надзор.
„Новинарите се во првите редови од општествените промени, а новинарството е професија која има одговорна задача да информира на објективен начин, за да ја одрази разноликоста на мислењата и да ги повика на одговорност тие што се на власт“, нагласи денеска евроамбасадорот Жбогар.
Тој, сепак, потенцираше дека одбележувањето на Светскиот ден на слободата на медиумите се случува по, како што рече, неприфатливиот и насилен инцидент во Собранието минатата недела, каде што беа нападнати не само пратениците туку и новинарите и медиумските тимови и беа спречени да ја вршат својата работа.
„Очекуваме организаторите и тие што го изведоа насилството да бидат изведени пред правдата“, потенцираше Жбогар, нагласувајќи притоа дека слободата на изразување е основно човеково право кое е неодвоиво од демократијата и владеењето на правото.
Шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Македонија, Нина Соумалаин, порача дека секој медиум треба да биде слободен да ја работи својата работа без заплашување, бидејќи, како што оцени, безбедноста на новинарите е основа и предуслов за отворени медиуми.
„Да се одржи квалитетно и објективно новинарство е вистински одговор на лажните вести, но тоа е и начин преку кој граѓаните ќе добијат точни информации, како и различни гледишта. Многу е важно да се поддржи медиумската писменост за да можат граѓаните полесно да разберат како медиумите ја обезбедуваат и ја оформуваат информацијата, а пред сѐ, да можат многу полесно да препознаат погрешна информација“, потенцираше Соумалаин.
Димитар Буковалов, раководител на секторот за електронски комуникации во Министерството за информатичко општество, нагласи дека слободата на изразување претставува основа за развој на демократизацијата на општеството. Оттука, како што рече, императив на секоја држава е обезбедување континуирана заштита на слободата на медиумите.
„Онлајн говорот на омраза, ширењето дезинформации, лажни вести и пропаганда, кои неминовно се резултат на новото време, никогаш досега не биле толку многу застапени. Сето ова претставува длабоко поткопување на демократските процеси во државата, дискредитација на институции, поткопување на односите со други држави и така натаму. Токму затоа во изминатиов период, Советот на Европа и ОБСЕ усвоија низа препораки и резолуции, со цел обезбедување заштита на слободата на изразување. Пред некој месец, и Европскиот парламент усвои Резолуција за стратешка комуникација за сузбивање на лажните вести и пропаганда. Во Резолуцијата се потенцира дека ширењето лажни вести и пропаганда може да биде дел од таканаречено хибридно војување. Дополнително, огромен проблем претставува пробивањето во компјутерски системи, со цел кражба на информации. Новинарите не само што се најголемите корисници на фундаменталното право на слобода на изразување туку претставуваат и симбол на степенот на развој на ова фундаментално право. Од овие причини, потребни се реформи во насока на обезбедување висококвалитетно и независно новинарство, договори за работа со доволна социјална заштита, заштита од физички закани и напади за новинарите, континуирани обуки и едукација, како и континуирана соработка со домашни и меѓународни тела и здруженија. Секако, овие реформи мора да бидат донесени преку широка јавна расправа и во согласност со меѓународните стандарди и препораки“, рече Буковалов.
Според директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, во Македонија има солидна основа за медиумска писменост која треба да се надградува. Сите оние, додаде Трајчевски, кои имаат допирна точка со тоа имаат одговорност да обезбедат активности и проекти во таа насока.
„Ако 75 проценти од граѓаните го формираат своето мислење, консултирајќи извештаи од повеќе од еден медиум, тогаш новинарите треба да бидат свесни дека имаат одговорност да ја почитуваат својата професија и да ја работат според етичките правила и стандарди кои постојано треба да ги препрочитуваат, за да наоѓаат професионални решенија за дилемите со кои се среќаваат при известувањето“, рече Трајчевски на денешниот настан посветен на Светскиот ден на слободата на медиумите.
А. Б.