/ Прочитано:

2.548

Во Македонија, сè повеќе се склучуваат договори за осигурување, а исплатена е и најголемата поединечна штета

Во текот на 2016 година, друштвата за осигурување склучиле 1.292.748 договори, при што се забележува пораст од 7,74% во однос на 2015 година, кога беа склучени 1.199.860 договори.

Од вкупниот број склучени договори, 1.279.015 полиси се во рамките на неживотно осигурување, што претставува пораст за 7,37% во однос на бројот на полисите во 2015 година, додека 13.733 се полиси за осигурување на живот, односно 8.683 полиси т.е. зголемување од 58,16% во споредба со 2015 година.

На овие податоци упатува д-р Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, кој додава и дека во 2016 година е остварена бруто-полисирана премија (БПП) во вкупен износ од 8,72 милијарди денари, што претставува пораст на приходите од 5,34% во однос на остварените 8,28 милијарди денари од 2015 година.

„Ова укажува дека зголемената понуда на осигурителни продукти, како и сѐ поизразеното препознавање на предностите коишто ги нуди осигурувањето како механизам за компензирање на финансиски загуби од потенцијалните ризични настани, влијае врз порастот на БПП“, посочува Попоски.

Од вкупниот број склучени договори, 1.279.015 полиси се во рамките на неживотно осигурување, што претставува пораст за 7,37% во однос на бројот на полисите во 2015 година, додека 13.733 се полиси за осигурување на живот, односно 8.683 полиси т.е. зголемување од 58,16% во споредба со 2015 година.

Друштвата за осигурување во 2016 година исплатиле бруто-износ на штети од 3,61 милијарди денари. Учеството на реосигурувањето во бруто-исплатените штети изнесува 23,44%. Во споредба со 2015 година, бруто-исплатените штети бележат пораст од 13,26% (2015 година: 3,18 милијарди денари).

Минатата година била исплатена најголемата поединечна штета во Република Македонија, и тоа во износ од 411 милиони денари, а се однесува на незгодата со хеликоптер од 2014 година.

Развојот на каналите за продажба на осигурувањето, велат од Стопанската комора на Македонија, мора да резултира и со зголемување на бројот на продадени полиси, како што се осигурувањето на домаќинствата, семејните пакети, здравственото осигурување, животното осигурување и сл.

Во таа насока е и настојувањето на Здружението на осигурувањето при Стопанската комора да го популаризира осигурувањето. Друштвата за осигурување се високопрофесионално организирани и стручно екипирани и тие даваат соодветна услуга на своите осигуреници, од приемот во осигурување, до решавање на штета во случај на штетен настан. Но од друга страна, особено важно и значајно за секој осигурител е осигуреникот да знае конкретно каков вид и тип осигурителна услуга бара, што му е потребно, односно кои ризици и за која цел. На таков начин би се избегнале многу недоразбирања и неусогласености меѓу двете договорни страни. Оттука, произлегува потребата за продолжување на едукацијата на стопанствениците и презентација на осигурителните производи преку Здружението на осигурувањето.

„Според официјално објавените финансиски показaтели за 2016 година, во  осигурителната индустрија се потврдува дека осигурителниот пазар е стабилен, и покрај нагласеното влијание на ризици од неекономска природа“, вели Весна Ѓорчева,  потпретседателка на Здружението на осигурувањето.

Осигурителната индустрија покажува дека настојува да биде што поблиску и поотворена за потребите на осигурениците. Покрај стандардните форми на канали за продажба, постојат веб-платформи како модерно ИТ-решение и други алатки како резултат на сè пораширената дигитализација. Може да се каже дека купувањето на полисата за осигурување никогаш не било полесно и таа никогаш не била подостапна до клиентите.

М.В