Во моделот за прочистување на правосудството најавено ревидирање на досиеја и оценување на секој судија
Во „Акција 21“ вклучуваме 10 приоритети, а број 1 на листата е прочистувањето на правосудството. Во финалето сме на длабоките и суштински реформи во правосудството преку ефикасно и објективно прочистување на судството и обвинителството, изјави денеска претседателот на Владата, Зоран Заев.
„Моделот за прочистување или филтрација е во завршна фаза. На него работеа првенствено претставници на Судскиот совет, на Советот на јавни обвинители, со поддршка на академската јавност, и тие ќе бидат тие што ќе го усвојат моделот што сами го креираат и што ќе го спроведуваат.
Ќе се ревидираат цели досиеја. Секој судија ќе биде оценуван. Ќе има листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии: како воделе постапка, како изведувале докази, како се сослушувани сведоци и особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање. Сите тие работи ќе ги поминува Судскиот совет или Советот на јавните обвинители и сето тоа во утврдена временска рамка и транспарентност.
Ќе иницираме носење законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и постојано да ја информира јавноста за својата работа и за напредокот во предметите кои ги следат граѓаните и за коишто постои посебен јавен интерес.
Тука пред сѐ мислам на предметите од организиран криминал и корупција, како и други предмети од јавен интерес.
Целиот процес ќе оди во фази и постепено, ама ќе се проверат сите.
Во оваа активност е вклучена и проверката на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција.
Паралелно со овој процес, на почетокот на наредната година, најдоцна напролет, се очекува да започне и ЕУ-мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и од ОБСЕ.
Ние сме прва држава во регионот која од Европската Унија побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани за високата корупција и тоа никако нема да зависи од стартот на преговорите со ЕУ“, посочи Заев.
ЕУ-мониторингот на судските случаи се очекува да започне на почетокот на идната година
Министерот за правда најавува проверка на работата и на имотната состојба на судиите
Здружението на судиите во врска со ветингот и за актуелната состојба во правосудниот систем
М.В