/ Прочитано:

984

Во недела прегласување во Центар, Ѓорче Петров и Струга, втор круг во Долнени

Среда, 17 април 2013 – Во недела на 21 април вториот круг од локалните избори ќе се прегласува на 29 избирачки места во скопската општина Центар, на девет во Струга и во едно во скопската општина Ѓорче Петров. Втор круг од локалните избори ќе има во општина Долнени на 39 избирачки места.

Државната изборна комисија (ДИК) на синоќешната седница констатираше дека Управниот суд прифатил тужби на СДСМ за четири гласачки места од различни скопски општини, но таму нема да се прегласува бидејќи тоа нема да влијае на изборниот резултат за градоначалник на Скопје.

Во општина Центар на 29-те избирачки места, во избирачкиот список се запишани 22.939 гласачи, во Струга на деветте 7.885 и во Ѓорче Петров на избирачкото место 2.588 во Волково се запишани 1.320 гласачи.

Во општина Центар, Андреј Жерновски, кандидат на коалицијата „Сојуз за иднината“ имаше 981 глас повеќе од кандидатот на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Тодоровиќ.

Во Струга, пак, Зијадин Села од ДПА, поддржан и од ДУИ, доби 20.770 гласови, додека кандидатот на коалицијата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Владимир Кочоски 15.276.

Во скопската општина Ѓорче Петров Сокол Митровски од коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ 11.934, а Александар Наумовски од коалицијата „Сојуз за иднината“ 10.995 гласачи.

Во Долнени ќе се одржи втор круг од гласањето на локалните избори. Гласачите својот избор треба да го направат меѓу Боше Милошевски од коалицијата „За подобра Македонија“, кој во првиот повторен круг освои 2.172 гласа, и Абдула Бајрамоски од ДУИ, кој освои 2.057 гласови.

Во текот на следните денови треба да бидат испечатени гласачки ливчиња за повтореното гласање, како и за вториот круг во Долнени. До ОИК барање за гласање може да достават изнемоштените, болните и оние во домашен притвор.

На синоќешната седница ДИК го констатира престанокот на пратеничкиот мандат на Ванчо Апостолов и Стефче Трпковски, кои освоија градоначалнички мандат. На нивно место во Парламентот ќе влезат Христина Рунчева и Панче Дамески од коалицијата „За подобра Македонија“.

Извор: Миа