Во организација на АКАДЕМИК: ПРАВНАТА ЕЛИТА ВО ОКТОМВРИ ВО СКОПЈЕ
Македонија првпат ќе биде зборно место за звучни имиња упатени во подробностите на управувањето со правните ризици: на 24 и на 25 октомври 2013 година, во хотелот „Александар палас“ во Скопје, повеќемина меѓународни и домашни експерти од разни домени на управувањето со правните ризици — низ дискусија и преку практичен приказ — ќе го пренесат своето искуство во врска со начините на предвидување и управување ризик во определени области на правото. Повикот за учество на регионалната конференција е отворен за правници и стручњаци за човекови ресурси од Македонија и регионот.
Неопходноста од јасен преглед на правните ризици во одредена организација, нивното следење, како и справувањето во моментот на настанувањето, е професионален императив за секој раководител, без оглед на тоа дали е лидер на компанија, на адвокатска канцеларија, на друштво или, пак, е раководно лице во јавна институција. Управувањето со правните ризици е современ начин за дефинирање, за систематизирање и за справување со потенцијалните проблеми во правниот живот на која било професионална организација. Ризиците поврзани со корпоративното управување, со односите со клиентите во адвокатските канцеларии и друштва, со работните односи во поширока смисла, со колективните договори, со концесиите, со дозволите, со стандардите на градење… во современиот свет се решаваат системски!
Првпат во поширокиот регион на Јужна Европа, претставници на мултинационални адвокатски друштва, на реномирани светски компании, како и експерти од опкружувањето, ќе дебатираат оваа есен во Скопје за предвидувањето и за управувањето со правните ризици. Ексклузивна можност за правниците од Македонија да чујат за искуството на следниве истакнати домашни и странски експерти:
- Tim Jones од „Freshfields London“ – правната координација на Олимписките игри во Лондон;
- Jan Trzaskowski од Школата за бизнис во Копанхаген – правните ризици во меѓународната трговија и во маркетингот;
- Blain Bortnick, адвокат од Њујорк – правните ризици во работното право и во менаџерските договори;
- Anto Nobilo, еден од најдобрите xрватски кривичари, ќе говори за своите искуства во Хашкиот трибунал;
- Dragoljub Djordjevic, угледен кривичар од Белград – постапките пред специјалниот суд;
- Tom Houseman, вршител на високи правни функции во ФИФА и УЕФА;
- Neven Vrankovic, одговорен во „Атлантик“ – преземањето на „Дрога Колинска“;
- Илијанчо Гаговски, долгогодишен директор на „Мајкрософт“ за Македонија – технолошки алатки за управување со судски предмети;
- Marija Bojovic, управувачки партнер во „Бојовиќ и партнери“ од Белград – управување со правните ризици во адвокатските канцеларии и друштва, како и во односите со клиентите;
- Oya Deniz Kavame од едно од најугледните турски адвокатски друштва „Aksan & Aksan“ – правните ризици во договорите за концесија;
- Георги Димитров од Адвокатското друштво „Георги Димитров Адвокати“ од Македонија – управување со правни ризици во организациите: одредување на процентот на успешност во судските предмети.