/ Прочитано:

964

Во подготовка дополнување на Законот за аудиовизуелните добра

Министерството за култура подготвува Предлог на закон за дополнување на Законот за аудиовизуелните добра. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за аудиовизуелните добра во 2015 год., образложуваат од Министерството за култура, меѓу другото, се изврши и измена на одредбите кои се однесуваат на стекнувањето со стручни звања во областа во дејноста за заштита на аудиовизуелните добра, особено во однос на постапката и условите за избор и реизбор во изборните стручни звања виш филмолог и филмолог советник.

Со Законот се пропиша дека рецензионата комисија е составена од претседател и два члена кои ги именува министерот, со мандат од две години, а за да може да бидат именувани, тие треба да бидат работници со стручно звање филмолог советник. Со оглед на тоа што во Република Македонија недостасуваат лица со стручно звање филмолог советник кои ќе можат да членуваат во рецензионата комисија, постои објективна пречка за формирање на рецензиона комисија, поради што и подолг период не се спроведува постапката за избор и реизбор во стручните звања виш филмолог и филмолог советник.

Со донесувањето на предложените законските дополнувања, велат од Министерството за култура,  ќе се пропише правен основ за претседател и член на рецензионата комисија да може да биде именувано и лице научен работник со звање доктор на науки од областа на заштита на аудиовизуелните добра или од сродните области, со што ќе се создадат формални предуслови за формирање на рецензиона комисија, а вработените во Националната установа – Кинотека на Македонија ќе можат да го остварат своето законско право.

М.В