Во подготовка измени на Законот за извршување на санкциите

Министерството за правда подготвува Закон за извршување на санкциите. Причините за донесување на овој предлог-закон, посочуваат од Министерството за правда,  произлегуваат од потребата за измена на законската регулатива во системот на извршување санкции.

Исто така, потребата за донесување на Законот произлезе од Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем (2015–2019), која е усвоена од Владата на РМ и чија основна цел е да се понудат реални решенија за подобрување на состојбата во затворите, како и усогласување на Законот за извршување на санкциите со новиот Закон за пробација („Службен весник на РМ“ бр. 226/2015).

„Целта на овој предлог-закон е да се регулира целокупниот систем во извршувањето на санкциите и воспоставување на силен и транспарентен механизам за внатрешен и надворешен мониторинг на затворскиот систем преку воспоставена јасна хиерархиска и одговорна поставеност помеѓу Управата за извршување на санкции и казнено-поправните и воспитно-поправните установи. Исто така, обезбедување на квалитетна здравствена заштита во КПУ и ВПУ преку воспоставување на одржлив систем на здравствено осигурување на лицата лишени од слобода“, образложуваат од Министерството за правда.

M.В