/Прочитано:

1.378

Во подготовка измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување

Министерството за труд и социјална политика подготвува измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Како што образложуваат од Министерството за труд и социјална политика, со измените на Законот се менува поимот „семејно стопанство“ во „индивидуални земјоделци“.

„Со измените се предлага на дете-инвалид корисник на семејна пензија кое ќе заснова работен однос или врши самостојна дејност според прописите за вработување на лица со инвалидност, а по кој основ има задолжително социјално осигурување, да му се запре исплатата на семејната пензија. По престанокот на задолжителното социјално осигурување, продолжува исплатата на семејната пензија“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Со измените, додаваат од Министерството, се предлага да се пропише методологија според која ќе се утврди потребната документација која треба да се поднесе, како и критериумите и мерилата за утврдување на работните места со стаж на осигурување со зголемено траење.

„Со предлог-измените се врши усогласување со Законот за административни службеници, се менува дефиницијата на семејно земјоделско стопанство, се врши допрецизирање на Комисијата за утврдување на работни места со стаж на осигурување со зголемено траење и семејна пензија за дете-инвалид“, посочуваат од Министерството за труд и социјална политика.

М.В