/ Прочитано:

1.928

Во подготовка измени на Законот за употребата на македонскиот јазик во делот на постапката за полагање на испитот за лекторска лиценца

Министерството за култура подготвува измени на Законот за употребата на македонскиот јазик. Целта на предлогот на Законот е создавање нормативна основа со која се пропишуваат постапката и начинот на полагање на испитот за добивање на лекторска лиценца.

При анализа и увид на состојбите од спроведувањето на Законот за употребата на македонскиот јазик, посочуваат од Министерството за култура, се утврдија повеќе проблеми. Начинот на полагање на испитот за добивање лекторска лиценца по пат на електронски тест на компјутер, истакнуваат од Министерството, е неприменлив за полагање на лекторскиот испит и доведува до апсурдна ситуација во која се полага испит за лектор, а притоа воопшто нема лекторирање во самиот испит.

„Имено, ваквиот утврден начин на полагање испит за лектор не нуди релевантни мерила/критериуми за проверка на знаењето на кандидатот. Дополнително што делови од граматиката на македонскиот јазик, како што се синтаксата, лингвостилистиката, зборообразувањето, е невозможно да се контролираат од страна на компјутерска програма, колку и да е таа совршена, од едноставна причина што јазикот е жива материја и е поврзан со мислата, а компјутерот „размислува“ на бинарен систем 1:0:1. Човечкиот фактор не може да се исфрли од полагањето лекторски испит од причина што јазикот е единствена човечка дарба и не може да биде проверувана или контролирана од компјутер. Доколку и би се програмирала одредена компјутерска програма, таа би требало да биде заснована врз вештачка интелигенција, но која би била прескапа за обезбедување, односно програмирање“, се вели во Нацрт-извештајот за проценка на влијанието на регулативата_Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за употребата на македонскиот јазик.

Од тие причини, додаваат од Министерството,  законските измени се потребни.  Во таа насока, од Министерството за култура појаснуваат дека во Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за употребата на македонскиот јазик, со членот 2 се менува членот 10 од Законот и се пропишува дека лекторскиот испит се полага пред Комисија за полагање на лекторски испит која ја основа министерот за култура, по предлог на Советот за македонски јазик. Комисијата за полагање испит за лектор е составена од претседател и двајца членови, од редот на стручни лица за оваа област, со мандат од четири години, со можност за повторно именување. Министерот за култура, по предлог на Советот, донесува правилник со кој ќе се пропишат начинот на полагање на испитот и програмата за испитот.

Со членот 3 се пропишува дека барањето за полагање испит се поднесува до Министерството за култура на пропишан образец. Министерството за култура ја издава лекторската лиценца на пропишан образец во рок од 15 дена од денот на завршувањето на испитот. Другите членови се од номотехничка природа, односно со нив се врши само номо-техничко преуредување на веќе постојни одредби.

Со наведените измени, велат од Министерството за култура, ќе се создадат услови за полагање испит за лектор, со што ќе се придонесе за подигање на јазичната култура и негувањето и заштитата на македонскиот литературен јазик, како значајно обележје на Република Македонија.

M.В