/ Прочитано:

1.729

Во подготовка измени на Законот за вработување на инвалидни лица

Министерството за труд и социјална политика подготвува измени на Законот за вработување на инвалидни лица. Основната цел на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица е доуредување на постапката за доделување средства од Посебниот фонд.

„Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица содржи одредби во согласност со препораките доставени во Конечниот извештај бр. 15-124/10 од 4.9.2017 година на овластениот државен ревизор“, образложуваат од Министерството.

Со Законот за вработување на инвалидни лица се уредуваат посебните услови за вработување и работење на инвалидни лица: кога самостојно вршат дејност како трговец поединец кај работодавец или има својство на работодавец во државната администрација, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, установи, агенции и фондови и други државни институции, како и условите за основање и погодностите за работење на трговското друштво за вработување на инвалидни лица – заштитно друштво.

Инвалидно лице, во смисла на овој закон, е лице со оштетен вид, оштетен слух, со пречки во гласот, говорот и јазикот, телесно инвалидно лице, лице со пречки во интелектуалниот развиток и лице со комбинирани пречки, кое поради степенот на инвалидност има специфични потреби во работењето.

Инвалидно лице се смета и инвалид на трудот со преостаната или намалена работна способност и ако се води во евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Македонија како невработено лице.

Инвалидноста врз основа на поднесено барање од инвалидно лице, неговиот родител или старател ја утврдува комисија за  оцена на работната способност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, освен ако инвалидноста на лицето не е утврдена од друг надлежен орган.

М.В