/ Прочитано:

2.021

Во подготовка нов Закон за парничната постапка – објавен текстот на Нацрт-законот

Министерството за правда подготвува нов Закон за парничната постапка.

„Со донесувањето на предложениот закон се очекува да се надминат констатираните слабости и да се подобрат законските одредби во насока на нивна поголема применливост, со што ќе се создаде функционална, успешна и ефикасна парнична постапка во Република Северна Македонија, а со тоа воспоставување стабилен граѓанскоправен систем преку пополнување на постоечките правни празнини и негово усогласување со европските стандарди и современите општествени текови“, посочуваат од Министерството.

Има потреба, додаваат од Министерството, од подобрување на законските одредби и доуредување на прашањата кои создаваа проблеми во примената на законот, како што се: полномошниците на странките, поднесоци (документи/докази кои се наоѓаат кај другата страна или трето лице), рокови и рочишта, поедноставување и забрзување на доставата, тек на постапката, докази и изведување на докази, одредување на вештачење, подготвување на главната расправа заради ефикасна главна расправа, зголемување на прагот за ревизијата како вонреден правен лек во услови на разработени основи каде што ревизија е секогаш можна, поефикасна постапка кај споровите од мала вредност, вградување на заштитата на колективните права и интереси, како и усогласување со други поврзани закони.

Со Законот за парничната постапка се уредуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во парниците за решавање на спорови од личните, семејните, работните, трговските, имотните и другите граѓанскоправни односи, ако со закон за некои од тие спорови не е определено судот да одлучува според правилата на некоја друга постапка, се вели во текстот на нацрт-законот, кој е објавен на Единствениот национален електронски регистар.

Странките имаат право на законита, еднаква и правична заштита на своите права. Судот не може да одбие да одлучува по барање за кое е надлежен.

Во нацрт предлог-законот е напоменато дека одредбите за јазикот во постапката би требало да се усогласат со Законот за употреба на јазиците, но прашањето е во моментов отворено со оглед на мислењето на Венецијанската комисија. 

Целосниот текст на Нацрт-законот: ЗАКОН ЗА ПАРНИЧНАТА ПОСТАПКА

М.В