Во подготовка нови измени на Законот за УЈП, усогласени со Дирекцијата за заштита на личните податоци
Министерството за финансии подготвува Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи. Измените, посочуваат од Министерството, се предлагаат заради усогласување со одредбите од Законот за банките.
„Измените се предлагаат со цел заштита на даночните обврзници во случаи каде е предвидено Управата за јавни приходи да добива податоци за приливите на сметките на обврзниците. Имено, Управата за јавни приходи меѓу другото ќе спроведува технички, организациски и други мерки за заштита на податоците обезбедени согласно овој и/или друг закон, со цел нивна заштита од губење, уништување, или недозволен пристап, неовластена примена и секаква друга злоупотреба. Овој нацрт текст на законот е усогласен со Дирекцијата за заштита на лични податоци“, образложуваат од Министерството.
Потребата од прецизирање на Законот за Управата за јавни приходи беше актуализирана откако Дирекцијата за заштита на личните податоци истакна дека измените на Законот за банките во врска со увидот на УЈП во сметките се спорни од аспект на заштитата на личните податоци.
Ќе се прецизираат измените на Законот за банките
М.В