/ Прочитано:

5.441

ВО ПОДГОТОВКА СЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ: „Оставинската постапка е скапа и неефикасна“

Министерството за правда подготвува измени на Законот за нотаријатот. Според Министерството за правда, во постојното законско решение постои сложена постапка за спроведување на конкурс за именување на нотари и полагање квалификациски испит, испит за рангирање, испит за заменик-нотар, испит за помошник-нотар, испит за нотарски стручен соработник и испит за проверка на знаењата на нотарите.

Исто така, од Министерството за правда посочуваат дека во актуелното законско решение за нотаријатот, оставинската постапка е скапа и неефикасна, а постапките за потврдување на приватни исправи и предлози за издавање на решенија за нотарски платни налози се неекономични.

Понатаму, од Министерството образложуваат дека целта на законските измени е редефинирање на постапката за спроведување на конкурс за нотари и полагање на испитите, поекономична и поефикасна процедура за иницирање на постапка за издавање на решение за нотарски платен налог, спроведување оставинска постапка и потврдување приватни исправи и ревидирање на начинот на вршење надзор над работата на нотарите и Нотарската комора.

Со Законот за нотаријатот се уредуваат организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составувањето нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања кои се однесуваат на нотаријатот.

Законот за нотаријатот во Собранието на Република Македонија беше предложен кон крајот на 2015 година, а беше изгласан минатата година. Во новиот Закон за нотаријатот имаше бројни новости. Присуството на адвокати при постапката за расправање на оставина, составување нотарски и изготвување приватни исправи беа дел од новините во законското решение. Од Министерството за правда при предложувањето на законот нагласија дека законските решенија се во функција на зголемената правна сигурност.

М.В