/ Прочитано:

1.434

Во подготовка втората верзија на Законот за основното образование

Министерот за образование, Арбер Адеми, вели дека образовните реформи во земјата, кои започнаа да се имплементираат неодамна, или се во фаза на подготовка, се креираат по примерот на развиените европски земји и за нив, наместо брзање, потребно е време и максимална посветеност.

„Еден од приоритетите е усвојување на нова законска регулатива со цел континуирано унапредување на прописите кои ги регулираат правата, обврските и можностите во областа на образованието и науката и во тој контекст во изминатите денови е усвоен нов Закон за поддршка при купување на музички инструменти од страна на учениците и студентите, додека во фаза на подготовка е Законот за основното образование, а наскоро ќе започнат и активностите за изработка на нов Закон за средното образование. Кога се работи за крупни законски решенија, не треба да се брза затоа што сме виделе усвојување закони, а потоа многу бргу измени и дополнувања на тие закони. Законот за основното образование е многу значаен и затоа треба да се најде најдоброто решение. Се работи за креирање квалитетен воспитно-образовен систем за иднината на нашите деца“, посочува министерот.

Во однос на примената на новите наставни програми за учениците од прво одделение, која беше најавена на почетокот на годината и за која се предвидуваше да започне од први септември, Адеми вели дека ќе зависи од усвојувањето на новиот закон. Тој нагласува дека во фаза на подготовка е втората верзија на Законот за основното образование и дека во процесот на креирање се вклучени сите засегнати страни – наставници, граѓански организации, меѓународни партнери и образовни експерти.

М.В