Во подготовка Законот за донирање на вишок храна
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство го подготвува Законот за донирање на вишок храна, чија цел е регулирање на донирањето на вишокот на храна и воспоставување на механизми и критериуми за регулирање на активноста на донирање храна.
Минатиот месец Владата ја усвои информацијата за изготвување Закон за донирање на вишокот храна и ги задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за храна и ветеринарство во рок од 15 дена да го подготват и да го достават до Владата на Република Северна Македонија Предлог-законот за донирање на вишокот на храна, велат од Владата.
Оваа година на јавната расправа во организација на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот беше нагласена потребата од законски измени за поттикнување за донирање на вишокот храна.
На јавната расправа за храната како основно човеково право беше потенцирано дека проблемот е глобален и алармантен, а дека статистичките податоци се загрижувачки. На светско ниво, една третина од произведената храна, или околу 1,3 милијарди тони, завршува во отпад, а Македонија, и покрај својата специфична социјална и економска ситуација, според бројот на жители е рангирана на поразителното осмо место.
Во Универзалната декларација за човекови права, меѓу другото, стои дека секој има право на животен стандард што нему и на неговото семејство ќе им обезбеди здравје и добробит, вклучувајќи ја и храната.
Инаку, прашањето за донесување на посебен закон за донирање на вишокот храна е актуализирано години наназад, особено од организацијата „Банка за храна – Македонија“.
„Нормативното уредување на една задолжителна редистрибуција на храната кон оние на кои им е најпотребна би претставувало значаен исчекор во борбата против гладот“, истакна претседателот на организацијата, Душко Христов, при една од бројните активности на организацијата за успешно намалување на сиромаштијата и гладот.
Ќе се подготвува Закон за донирање на вишокот храна
Потребни се законски измени за поттикнување за донирање на вишокот храна
Потребни се промени на законодавството за редистрибуција на храната
Трибина за регулативата за генетски модифицираната храна
ЗАКОН КОЈ ЌЕ ИМ ПОМОГНЕ НА СИРОМАШНИТЕ И ГЛАДНИТЕ: Во подготовка Закон за нефрлање храна
М.В