/ Прочитано:

1.450

Во подготовката на измените на Законот за извршување на санкциите ќе бидат вклучени и  синдикални претставници

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пеце Грујовски, денеска оствари средба со директорот на Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ, на која беше потенцирано дека наскоро се очекува решавање на проблемот со униформите, опремата и условите за работа на вработените во казнено-поправните установи.

„Јавноста виде во какви услови работат вработените во затворите. Очигледно има потреба од многу сериозен пристап во решавањето на проблемите и потребен е вистински социјален дијалог доколку сакаме да дојдеме до конечни и прифатливи решенија за вработените. Договорено е да има и претставник на Синдикатот во работната група која ќе работи на измени на Законот за извршување на санкции. Ова уверува дека ќе се изработи подобар закон бидејќи ќе бидат сослушани и предлозите на Синдикатот. По донесувањето на новото законско решение, договорено е да се пристапи кон потпишување на колективен договор, со што ќе се решат поголем дел од проблемите“, истакна Грујовски по средбата.

Потребата од измени на Законот за извршување на санкциите ја констатира и Народниот правобранител во својот годишен извештај.

Управата за извршување на санкциите е орган во состав на Министерството за правда со својство на правно лице, чија функција е да врши работи од делокругот на Министерството што се однесуваат на извршувањето на санкциите.
Организацијата и делокругот на работите што се извршуваат во Управата се определени со Законот за извршување на санкциите.

M.В