Во понеделник стартува судењето за инкасантите од „Калдрма“, најголемиот процес во историјата на македонското судство
Петок, 20 јули 2012 година – Во понеделник стартува судскиот процес „Калдрма“ во кој 87 лица од ЈП „Македонија пат“ ќе одговараат за злосторничко здружување, фалсификување исправи, примање поткуп, злоупотреба на службената положба и проневера од над 2 милиони евра. Судниците станаа претесни за процесите од организиран криминал, се уште е неизвесно дали салата во Врховен суд ќе ги собере обвинетите, нивните адвокати и новинарите на самиот старт на најголемиот процес во историјата на македонското судство.
Повтореното судење за случајот „Змиско Око 1“ тапка во место, а второто продолжение „Змиско око 2“ е заглавено во судот. Големиот број на обвинети стана сериозна пречка за текот на судската постапка. Претесните судници и немоќноста на судот да ги собере обвинетите, резултира со одолговлекување на судската постапка за двата случаја. По 5 години од првата полициска акција за криминалот на патарините, сеуште нема никакво правосилно решение.
Скопска едница пред нов предизвик, со оглед на многубројноста на обвинетите, судот треба да ги собере нивните колеги, уапсените инкасанти од „Калдрма“ и да ги смести заедно со нивните бранители и јавноста во судница кадешто ќе бидат овозможени основни услови за работа.
Обвинителството: Криминал на сите патарини, oд Куманово до Гевгелија
Обвинението е напишано на неколку стотици страници, а преку него обвинителството ќе се обиде да докаже дека вработените во ЈП „Македонија Пат“ преку фалсификувани фискални сметки, организирано, три ипол години правеле криминал на 5 патарини што се наоѓаат на северно-јужниот транспортен Коридор 10, од Куманово па се до Гевгелија. Меѓу 87-те обвинети, во обвинителниот акт стои дека двајца функционери од Македонија пат, го осмислиле планот и ги организирале останатите обвинети.
Главна мета на обвинетите според обвинителството биле наплатните станици: Миладиновци, Отовица, Сопот, Романовце, Петровец и Стоби. Во службените простории на патарините и во домовите на обвинетите полицијата пронајде програма за печатење на фалсификувани фискални сметки и принтери, 170 неиспечатени ролни со натпис на повеќе наплатни станици, 10.900 евра и помали износи на долари, динари, толари, куни и левови.
Инкасантите поопремени, полицијата пософистицирана
За разлика од инкасантите и раководителите од „Змиско око 1“ и „Змиско око 2“ кои според полицијата наплаќале пола-пола, овојпат инкасантите и раководителите, со подобра организација. Покрај опремата за изработка на фалц фискални сметки пронајдени се купчиња со подготвени сметки со иден датум. За секоја смена имало потготвени сметки за секои две минути, списоци во кои пишувало кој колку платил за да добие профитабилна смена. Полицијата користела посебни истражни мерки, видео и аудио записи и таен агент.
Според тогашните информации на медиумите, 5-мина од обвинетите станале соработници на обвинителството, седуммина се во бегство, а само двајца беа во куќен притвор. Останатите ги наполнија притворите ширум земјава.