Во понеделник пресуда за случајот „Метастаза“
Петок, 19 октомври 2012 – По цели 2 и пол години, „Метастаза“ ќе добие разрешница, понеделник, 22 октомври ќе биде прочитана пресудата за предметот КОК-39/10. Докторите, службениците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, посредниците на потенцијалните баратели на инвалидски пензии целото ова време се обидуваа да му докажат на судијата Ѓоко Ристов, дека не издавале лажни дијагнози и не врбувале луѓе за да земат мито. Во текот на процесот, 38-те обвинети негираа дека се криминалци, дел од нив со емотивно изјави, а дел се бранеа со молчење. За одбраната, доказите на обвинителството дека тие создале злосторничка група и ја злоупотребиле својата функција, односно примале мито за да издаваат инвалидски пензии, се неосновани.
Завршниот збор на обвинителството на рекордни 309 страници
Психози, срцеви и невролошки болести, обвинителството тврди дека докторите им препишувале болести на здрави пациенти. Обвинителот Златко Биковски го даде завршниот збор на 309 страници каде што опширно ги објаснува телефонските разговори меѓу обвинетите. Според обвинителството, преку СМС пораки или телефонски разговор, обвинетите ја договарале медицинската документација, висината на цената, приемот на странки.
Обвинителството се повикува и на загрозениот сведок кој во своите искази целосно ја отсликал шемата на организациона поставеност на групата, нејзините лидери и припадници, нивните позиции и улоги, начинот на делување на групата според својата структурираност, износот на паричните средства – колку се барало и земало од барателите на инвалидски пензии во зависност од конкретниот случај, но и како парите се делеле во различните нивоа на наводната група.
Првообвинетиот: Обвинението е поезија, a сведокот фингиран
Впечатливи беа завршните зборови на првообвинетиот Сашо Јосимовски, по занимање кардиолог и поранешен претседател на Комисијата за ревизија за утврдување на инвалидност.
„Не верувај на тоа што ти го кажуваат, верувај на тоа што ќе го видиш“, му порача тој на судот.
Според Јосимовски обвинението е поезија, а заштитениот сведок наместен.
„Се грижам за здравствената состојба на своите пациенти според лекарската етика и досега сум имал само пофалби. Обвинението го пишувал поет. Хартијата трпи се. Ниту еден од сведоците на обвинителството не ме познава освен две медицински сестри со кои сум работел. Медицинските документи кои ги сретнувале на шалтер биле со мој печат. Тоа е точно, се гледа мојот потпис, но сите ме препорачуваат. Една од нив веднаш по сведочењето е вработена, а претходно беше 4 години волонтер. Никого не сум организирал. Сѐ ќе прифатам, но не можам да прифатам дека сум злосторниик. Загрозениот сведок беше фингиран на крајот за да може да опстане обвинението. Снимките не содржат правно релевантни факти и не докажуваат вина. Со доктор Дамјановски имавме 7 разговори, а не 50-тина“, рече Јосимовски во судница. Завршните зборови ги заврши, цитирајќи зборови од филмот „A Few Good Men“.
Бранителите: Доказите на обвинителството се неосновани
Бранителите со замерки за посебните истражни мерки, обвинувањата дека постоела група, немало прецизна сума за утврдена штета на ПИОМ. Според нив доказите на обвинителството се неосновани. Се жалеа и на текот на судската постапка. Бараат пресудата да се темели на она што е видено и изјавено во судница, а не од доказите во истрага. Според нив. телефонските разговори од ПИМ имаат мала вредност бидејќи немало аудио вештачење за да се утврдат гласовите.
„Не се докажа дека постоела група, ниту пак свест, сакање и волја за пристапување кон неа. Не се докажа дека делеле пари, не постои штета, не се докажа дека медицинската документација не е вистинска“, рече адвокатот Милан Димов во завршните зборови.
>> Предметот за случајот Метастаза проследете го тука.