/ Прочитано:

2.159

Во понеделник продолжува работниот состанок во Владата за законските измени за нотаријатот

На иницијатива на претседателот на Владата, Зоран Заев, во Владата на Република Македонија се одржа најавениот состанок во врска со предложените законски измени за нотаријатот, кои, како што најавија од Министерството за правда, сè уште се во фаза на подготовка и не се пуштени во владина процедура. Како што беше најавено, на состанокот разговарале премиерот Заев, претседателот на АКРМ Никола Додевски, претседателот на НКРМ Васил Кузманоски, како и претставникот на Стопанската комора кој работи на оваа проблематика.

Од Адвокатската комора и од Нотарската комора за Академик велат дека на состанокот се изложувале аргументи од сите страни и се заклучило дека треба да се продолжи да се работи на текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот. Заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, кој исто така присуствувал на состанокот, вели дека во понеделник претставниците на Владата и на коморите ќе продолжат со работа во врска со законските измени за нотаријатот.

Претседателот на Владата, Зоран Заев, вчера истакна дека е уверен дека ќе се најде решение прифатливо за двете страни, а во функција на закон кој пред сè ќе им служи на граѓаните. Треба, подвлече премиерот Заев кој раководи и со новото тело за следење на реформите во правосудството,  да се сослушаат аргументите на двете страни за на крај да се донесе правично законско решение за заинтересираните страни, но и во интерес на граѓаните.

Минатата недела адвокатите остро реагираа и побараа реформи на сите прописи кои ѝ штетат на адвокатурата, во спротивно најавија штрајк.  Незадоволството на адвокатите кулминираше откако Министерството за правда  го достави пречистениот текст на Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот, во кој сите алтернативи кои беа дадени од Адвокатската комора на РМ беа целосно избришани, додека нотарскиот акт е воведен за сите правни работи.

M.В