ВО ПРОДАЖБА второто, изменето и дополнето издание на „199 обрасци на договори од трговското работење и од имотното право“ од проф. д-р Горан Коевски и проф. д-р Дарко Спасевски
Второто, изменето и дополнето издание на „199 обрасци на договори од трговското работење и од имотното право“ од проф. д-р Горан Коевски и проф. д-р Дарко Спасевски е исклучително корисна, незаменлива и потребна публикација, за која очекуваме неминовно да се најде на полиците на библиотеките на правните практичари – адвокатите, нотарите, извршителите, стечајните управници, правните служби во рамките на трговските друштва, правните консултанти, државните институции и други. Периодот од шест години од нејзиното прво издание покажа дека ваквиот тип публикации се насушно потребни за сите што го практикуваат правото во областа на трговското право, стечајното право, правото на хартии од вредност и широкиот корпус на граѓанското право, како и за студентите по право на сите циклуси на студии, кои мора да ги развиваат своите вештини и да бидат активни во однос на промените и потребите на правната практика.
Во ова издание на публикацијата се вклучени голем број сосема нови модел-договори, голем дел од нив се комплетно преработени и ревидирани, а сите модел-договори се целосно усогласени со измените на домашното законодавство во периодот од шесте години по првото издание. Оттаму, земајќи го предвид целокупниот систем на македонското позитивно договорно право, воспоставената домашна, договорна практика, како и најдобрите меѓународни практики за подготовка и пишување на модел-договори, оваа публикација претставува најсеопфатна збирка на модел-договори кои се целосно сообразени на потребите и барањата на современата договорна практика.
Намерата на публикацијата е да му претстави и да му овозможи на читателот повеќе различни решенија за одреден конкретен договорен однос што тој има намера да го уреди. Дополнително, во публикацијата се дадени и различни алтернативни верзии на одредени договорни клаузули. Истовремено, користа од оваа публикација се состои во тоа што овозможува прегледен и систематизиран пристап до различните модели на договори, што го олеснува и го прави брз изборот на најдобро можно решение за уредување на конкретниот договорен однос. Покрај тоа, презентирани се и различни номотехнички концепти на креирање договори, односно различни, современи форми на правно структурирање на волјата на договорните страни при креирањето на содржината на договорот.
Првото поглавје на публикацијата со 30-тина модели на договори е посветено на договорот за продажба како носител на трговско-правниот промет. Имајќи ги предвид интеракциите на домашните субјекти со странските партнери, како и сложените односи во процесот на продажбата, приложени се три нови модели на договори, и тоа: договор за нарачка и организација на производство, договор за долгорочна соработка за снабдување и договор за меѓународна продажба на стоки. Во рамките на ова поглавје е вклучен и договорот за размена.
Во второто поглавје на книгата, покрај постојните модели договори, додаден е нов модел на договор за ексклузивно трговско застапување, а голем дел од неговите одредби може да бидат адаптирани и искористени и за подготовка на неексклузивно трговско застапништво. Исто така, во ова поглавје, постојниот модел на договор за концесија е заменет со нов модел на договор за концесија.
Во третото поглавје на публикацијата договорите на автономната трговска практика, како што се договорите за франшиза, факторинг, форфетинг, за дистрибуција и слично, се приспособени и усогласени со меѓународната договорна практика. Заменети со нови модели на договори се и договорите за лизинг и за know-how (знаење и искуство). Дополнително, за да се одговори на потребите на деловните потфати и нивната организација, покрај моделот на договор за конзорциум, додаден е и нов модел на договор за ортаклак, како и модели на договори за заедничко вложување и за соработка во областа на истражувањето и развојот. На крајот, во ова трето поглавје е додаден и договор за спонзорство.
Четвртото поглавје ги вклучува договорите за промена на доверителот или должникот, за обезбедувања и пренос на побарувања, за кредит и за банкарски работи, прикажани во 23 различни обрасци.
Во рамките на петтото поглавје, кое ги вклучува договорите за дело, покрај постојните модели на договори, спектарот на модели на договори е проширен со договорите за обезбедување на услуги и преработениот модел договор за правни консултантски услуги.
Во шестото поглавје каде што се прикажани низата договори за градење, додаден е нов главен договор за градење, кој ги зема предвид различните меѓународни искуства, вклучително и ФИДИК (FIDIC), но и Кралскиот институт на британски архитекти (Royal Institute of British Architects – RIBA) и Американскиот институт на архитекти (American Institute of Architects –AIA). Имајќи го на ум фактот дека голем број домашни субјекти се ангажирани во тековните градежни проекти како подизведувачи, во рамките на ова поглавје е вклучен и модел на подизведувачки договор.
25 различни теркови на договори за заем, закуп, за депозит, за складирање, за сеф и за послуга се прикажани во седмото поглавје од оваа публикација. Во ова поглавје се приложени и нови модифицирани и модернизирани модели на договори за наменски заем, закуп на опрема и подзакуп.
Имајќи го предвид значењето на авторските договори, во осмото поглавје посветено на овој вид договори е приложен и посебен, приспособен модел на авторски (издавачки) договор. Во овој сегмент е вклучен и новиот договор за преведувачки услуги.
Модели на договорите од областа на туризмот се структурирани во деветтото поглавје од оваа публикација.
Она што особено треба да се истакне е проширувањето по обем и содржина на моделите на договори и други акти во десеттото поглавје посветено на трговските друштва. Во рамките на ова поглавје, покрај соодветните модификации на постојните модели (вклучувајќи ги договорот за друштво со ограничена одговорност, менаџерскиот договор и планот за реорганизација), додадени се и петнаесетина модели на интерни акти на друштвата (како што се одлуки, изјави, понуди, предлог за отворање на стечајна постапка, пријава на побарување во стечајна постапка и слично). Дополнително, во рамките на ова поглавје како надоврзување на договорот за вработување, дадени се два нови модели на договори, и тоа договор за волонтирање и договор за практикантство.
Договори за востановување на стварна службеност, доживотна издршка, распределба на имот, дар се вклучени во единаесеттото поглавје.
Во дванаесеттото поглавје се вклучени посебните договорни клаузули. Читателот ќе забележи дека за разлика од неколкуте модели на посебни договорни клаузули во првото издание, во ова издание се вклучени осумнаесет различни типови посебни договорни клаузули, со над педесет различни варијации на алтернативни решенија. Во ова поглавје се поместени и различни видови меморандуми за разбирање, различни видови договори за доверливост и изјава за доверливост, договор за размена на информации итн.
Со цел полесно разбирање и користење на оваа публикација, на читателот во прилог му е даден посебен поимник. Имајќи ги предвид различните алтернативни решенија за одредени договорни одредби, приложениот поимник ќе биде особено од корист при изборот на онаа одредба или алтернатива што е најсоодветна за конкретната потреба на корисникот.
Цената на книгата е 5.400 ден. (со вклучен ДДВ), а можете да ја нарачате со праќање на е-порака на akademik@akademik.com.mk или директно од нашата е-продавница на следниот линк.