/ Прочитано:

1.646

Во првите три дена собравме една третина од потписите, велат од Иницијативата за донесување на закон за зголемено породилно отсуство

Во Македонија во тек е постапката за собирање на потребните потписи за Граѓанската иницијатива за донесување на предлог-закон за изменување на Законот за работните односи, чија цел е зголемување на времетраењето на платено отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство од сегашните 9 месеци (за едно дете) и 15 (за повеќе деца), на 18 месеци за сите мајки, без разлика колку деца раѓаат.

„Една третина од потребните потписи ги собравме за 3 дена. Очекуваме од денес уште помасовна излезност  бидејќи сепак се работи за најмалите и најмилите“, истакнуваат од Граѓанската иницијатива „450 породилно (Пеленска револуција)“  од каде што порачуваат до граѓаните дека дури и еден глас е тој кој може да смени сè. Од Иницијативата потсетуваат дека секое полнолетно лице има право на потпис, без разлика на пол.

Постапката во врска со Иницијативата за донесување на законско решение за  зголемување на платеното отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство, започна на 20 овој месец, а потписите ќе се собираат до  7 октомври.

„Потписите може да се дадат во сите подрачни  канцеларии на ДИК низ земјава, а потпишувањето се врши со лична карта или валидна патна исправа во општините каде што живеете. Ве молиме за поддршка на оваа граѓанска иницијатива со која мајките ќе остварат платен одмор поради бременост, раѓање и родителство во времетраење од 18 месеци“, додаваат од Иницијативата.

Во врска со местата за давање на потписите, од Иницијативата упатуваат за подетални информации на следниов линк.

Според Уставот на Република Македонија, иницијатива за донесување на закон до овластените предлагачи може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија.

M.В