Во Шведска се забранува управување на беспилотно летало во кое е вградена камера
По пресудата на Врховниот суд во Шведска, изречена во петокот, сите беспилотни летала со камери ќе се сметаат за надзорни уреди, поради што лицата кои управуваат со нив ќе мора да поседуваат посебна дозвола за снимање, во согласност со законската регулатива во земјата.
Врховниот суд на Шведска во петокот донесе одлука со која се забранува управување на беспилотно летало во кое е вградена камера – популарно наречени дронови. Лицата што управуваат со беспилотните летала, според одлуката на Судот, треба да поседуваат посебна дозвола бидејќи со новата законска регулатива во Шведска дроновите во кои има камера се класифицираат како хардвер за надзор.
Врховниот административен суд на оваа нордиска земја, при донесувањето на одлуката постапуваше во врска со претходна одлука донесена од страна на Окружниот суд во Шведска, во која се вели дека беспилотните летала опремени со камера не треба да се класифицираат како уреди за надзор.
Меѓутоа, по пресудата на Врховниот суд во Шведска, сите беспилотни летала со камери ќе се сметаат за надзорни уреди, поради што лицата кои управуваат со нив ќе мора да поседуваат посебна дозвола за снимање, во согласност со законската регулатива во земјата. Ова начело им овозможува на властите да го разгледаат барањето за дозвола на сите оние што го поднесуваат и на тој начин ќе можат конкретно да утврдат дали целта на операторот е да се загрози правото на сопственост на другите луѓе.
За лицата што управуваат со беспилотни летала без соодветна документација и без дозвола, се предвидени високи парични казни.
Властите во Шведска велат дека ваквата одлука на Врховниот суд нема да влијае на потрошувачката на некомерцијални беспилотни летала, која последниве неколку години бележи невиден пораст. Според последниот податок, повеќе од 20.000 беспилотни летала беа продадени за цивилна употреба за време на божиќните празници во 2014 година.
На одлуката на Врховниот суд реагираше водечката шведска компанија за производство на беспилотни летала „УАС“. Директорите на „УАС“ велат дека по ваквата пресуда можно е 3 000 луѓе да останат без работа.
И додека употребата на беспилотните летала е условена со вадење на посебни дозволи од страна на судот, пред донесувањето на одлуката, повеќе од 1 000 поединци и корпорации веќе се регистрирале во шведската Агенција за транспорт со цел да добијат дозвола за комерцијална употреба на дронови кои ќе бидат употребени за фотографски цели.
А. Б.