/ Прочитано:

2.329

Во случај на труење со храна може да се побара материјална и нематеријална отштета

Периодов актуелно е прашањето за безбедноста на храната, особено труењето со храна.  Во македонското законодавство безбедноста на храната е регулирана со Законот за безбедност на храната, со кој се уредуваат основните начела за безбедност на храната, општите и посебните хигиенски барања за храната, организационите структури на системот на безбедност на храната и официјални контроли на храната.

Целта на овој закон е да обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на луѓето и интересите на потрошувачите во однос на храната. Во законот се пропишува дека храната не смее да се стави во промет доколку не е безбедна, а не се смета за безбедна  доколку е штетна по здравјето на луѓето или не е исправна за исхрана на луѓето.

Доколку, пак, се случи труење со храна, граѓаните може да поведат вонсудска или судска постапка за надомест на штета како резултат на претрпеното труење.

Адвокатката Маја Ристова вели дека во практиката има поведени постапки за труење со храна, но нагласува дека граѓаните сепак не се доволно запознаени со своите права во однос на безбедноста на храната и со нивните потрошувачки права.

Често се случува труење со храна, но не толку често се преземаат мерки

 „Од она што јас сум запознаена и го следам на оваа тема е дека во практиката често се случува труење со храна, но не толку често се преземаат мерки. Имено, граѓаните можат да препознаат дека се работи за труење со храна, но оставаат само институциите да водат постапки по службена должност, но не и тие самите да бараат надомест на штетата која ја претрпеле како резултат на настанатото труење“, вели Ристова.

 Граѓаните не се доволно запознаени со своите права

На прашањето дали се доволно запознаени граѓаните со своите права во однос на безбедноста на храната, Ристова истакнува дека граѓаните не се доволно запознаени.

„Веројатно токму поради тоа кога ќе настане случај со труење се реагира и се објавува на некоја социјална мрежа, од една страна, за да се популаризира случајот, но, од друга страна, се испраќа апел за помош до институциите и до граѓаните како да се постапи во тој случај. Наместо тоа, сметам дека е подобро да се консултира лекар, но и адвокат со цел да се добијат упатства за понатамошно постапување“, посочува Ристова.

 Надоместот на штета се побарува во согласност со ЗОО

 Таа додава дека начелата за безбедност на храната, но и труењето како дефиниција се опишани во Законот за безбедност на храна, додека пак мерките за рано откривање и спречување за ширење на болеста се регулирани со Законот за заштита на населението од заразна болест. Надоместот на штета се побарува во согласност со Законот за облигационите односи, додека пак кривичната одговорност произлегува од Кривичниот законик на РСМ.

Каква отштета може да бараат лицата кои биле затруени со храна

„Може да се побарува материјална и нематеријална отштета. И во двата случаи се прават вештачења. Висината на материјалната отштета одговара на трошоците кои се направени како резултат на болничкото лекување и купените лекарства, а висината на нематеријалната отштета одговора на стресот, стравот итн. кои ги претрпело лицето како резултат на труењето со храна“, образложува Ристова.

Пример од практиката – труење со храна во познат ресторан: Ваков вид на судски постапки сум имала и претходно, но и сега во моментов имам неколку активни предмети за надомест на штета како резултат на труење со храна, но овој пат труењето е настанато во ресторан. Имено, четири лица ручале во наш познат ресторан и многу кратко по завршување со консумацијата развиле симптоми, така што морале да бидат хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје. При земањето на анамнеза дежурните лекари се посомневале за настанато труење со храна кај овие лица, така што случајот го пријавиле во Центарот за јавно здравје. По службена должност направен е вонреден инспекциски надзор во ресторанот од страна на претставници од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје, при што беа земени брисеви од жива и нежива средина, брисеви од вработените, а ресторанот беше привремено затворен со цел да се прекине евентуално идно труење на други лица. Резултатите покажаа бактерија во извесни производи, па ова беше основ за поднесување тужби за надомест на штета против ресторанот“, вели адвокатката Маја Ристова.

На прашањето дали има некои слабости во законодавството во делот на потрошувачките права и безбедноста на храната, Ристова одговара дека во државата има јасна регулатива за оваа проблематика.

„Според мое мислење, проблемот на оваа тема не е поради извесни слабости во законодавството, туку поради непознавањето на своите права на граѓаните и нивната недоверба во системот“, посочува таа.

Да се поведе судска постапка за надомест на штета

 „Потребно е граѓаните да внимаваат што консумираат, особено во летниот период. Во случај на појавување на симптоми како гадење, дијареја и повраќање непосредно по консумирање на одредена храна, а доколку истите симптоми се појават и кај други лица кои ја консумирале истата храна, веднаш да побараат лекарска помош, а потоа и да иницираат вонсудска или судска постапка за надомест на штета како резултат на претрпеното труење“, гласи пораката на Ристова до граѓаните.

М.В