/ Прочитано:

825

Во соработка со УЈП се следат состојбите за даночните биланси, велат од Комората на сметководители

Комората на сметководители на Македонија, која континуирано се залага за подобрување на состојбата на сметководителите во земјава, неделава испрати допис до УЈП за пролонгирање на рокот за поднесување на годишна сметка и даночен биланс за 2020 година заради доцнаобјавениот образец за ДБ од страна на Министерство за финансии. Од Управата за јавни приходи, со која Сојузот на стопански комори на Македонија има потпишано меморандум за соработка, добивме известување дека ќе се разгледаат сите можности за пролонгирање на рокот за поднесување на годишна сметка и даночни биланси, и дека состојбата се следи за да не настанат проблеми од ненавремено поднесување.

Поконкретно, Комората на сметководители побара одлагање на крајниот рок за поднесување на извештаите ДБ, ДБ ВП, ДЛД ДБ и Б до УЈП до 31 март и одлагање на крајниот рок за поднесување на годишната сметка до ЦРМ до 31 март, без разлика на начинот на кој е поднесена годишната сметка, електронски или хартиено. Моментално рокот за поднесување е до 15 март, ако завршната сметка се поднесува електронски и 29 февруари доколку се поднесува хартиено.

Благоја Грозданов, член на управниот одбор на Комората на сметководители, истакна дека во соработка со надлежните институции потребно е и во иднина да се разгледа  законско одложување на крајниот рок за поднесување на годишните сметки.

„Навременоста е еден од главните ограничувачки фактори за обезбедување на веродостојни и релевантни информации. И рамката за финансиско известување објавена на Одборот за меѓународни сметководствени стандарди го препознава овој факт и зборува за потребата да се воспостави баланс меѓу релативната важност на навременото известување и обезбедувањето на веродостојни и релевантни информации за да се задоволат потребите на корисниците за донесување на економски одлуки. Кај нас крајните рокови за регуларен поднесок на годишните сметки се 28 февруари доколку се поднесуваат хартиено, односно 15 март доколку се поднесуваат електронски. За споредба, во соседните земји Бугарија и Србија извештаите се поднесуваат до 30 јуни, во Хрватска до 30 април, во Германија до 31 март за средните и големи ентитети, и 30 јуни за малите и микро претпријатијата, во Франција и Шведска до 31 јули итн.“, изјави Грозданов и појасни дека доколку долгорочно се прифати предлогот на Комората на сметководители и доколку се пролонгира законскиот рок за поднесување на годишна сметка, тоа ќе повлече и пролонгирање на роковите за поднесување на даночни биланси, ќе се избегнат ситуации на работа под екстремен притисок и ќе го зголеми квалитетот на даночното и финансиско известување.

Александра Андреева, член на УО на Комората на сметководители, истакна дека неопходно е уредување на целокупниот даночен систем  со цел зголемување на ефикасноста и ефективноста во работењето.

„Сметководителите неретко се соочуваат со уште еден проблем, а тоа е неусогласени финансиски картици за даночен долг. Се случува нашите коминтенти да добијат опомена за неплатен долг, дури и решение за присилна наплата на средства за долг кој според нашите евиденции воопшто и не постои, а за волја на вистината се случува да  не постои ниту на системот за Е-даноци. И додека да се реши проблемот, неретко веќе средствата се и присилно наплатени, за што, дополнително, за изготвенo решение се засметува и еднократна такса во висина од 5% од износот на така утврдениот долг. Ваквата ситуација  одзема драгоцено време во повеќекратно сложување на едни исти финансиски картички, а во голема мера влијае и на веќе стекнатата доверба во деловниот однос кој го градиме со клиентите“, рече Андреева и додаде дека  во време на дигитализација, работите може да функционираат беспрекорно, а ваквата неусогласеност го доведува во неизвесност работењето и ликвидноста на компаниите, за што Министерството за финансии би требало да инвестира во современ систем со кој ќе се надминат овие состојби.

Брзите промени во легислативата не даваат можност за даночно планирање, велат сметководителите

М.В