/ Прочитано:

1.933

Во Законот за кривичната постапка ќе се вградуваат најновите директиви на ЕУ

Министерството за правда ја најави подготовката на новите измени на Законот за кривичната постапка. Законските измени, посочуваат од Министерството, произлегуваат од потребата за усогласување на одредбите од Законот за кривичната постапка со меѓународните стандарди во одредени области и праксата на Европскиот суд за човекови права, како и отстранување на лоцираните недостатоци во сегашниот закон.

Во рамките на реформата на казненото процесно право е започнат процес на измени на Законот за кривичната постапка, во кој ќе бидат вградени сите најнови меѓународни стандарди, а особено најновите директиви на ЕУ, усвоени по донесувањето на новиот ЗКП во 2010 година.

Законот за кривичната постапка беше донесен во 2010 година, а почна да се применува од 1 декември 2013 година.

„Овој закон ги утврдува правилата со кои се овозможува правично водење на кривичната постапка, така што никој невин да не биде осуден, а на сторителот на кривичното дело да му се изрече кривична санкција под условите предвидени во Кривичниот законик и врз основа на законито спроведена постапка“, се пропишува во почетните одредби на Законот.

Потребата од измени на ЗКП нотирани во Стратегијата за реформи

Со Законот за кривичната постапка се измени системот на казнената правда со нагласена улога на Јавното обвинителство во однос на претходната постапка, се предвиде формирање истражни центри при Јавното обвинителство, се воведе посебен стадиум за оцена на обвинителен акт, се измени концептот на главната расправа, се редефинираше процесната улога и овластувањата на судот, странките и бранителот, а се прифати и концептот за спогодување за кривичната санкција и сл.

 Злоупотреба на мерката притвор

Во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017–2022 година во делот за ЗКП се вели дека констатирана е злоупотреба на мерката притвор во кривичните постапки за полесните кривични дела наспроти трендот на целосно отсуство на мерката притвор кога станува збор за предметите поврзани со корупција и политички предзнак, за чие гонење беше надлежно Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

 „Притворот се злоупотребува и како мерка за принудување на осомничениот на спогодба за признавање на вината. Потребно е допрецизирање на одредбите за притвор и градење систем за воедначени практики на судиите и јавните обвинители. За да се следи квалитетот на обезбедената правна помош од страна на бранителите по службена должност, како и на бранителите поставени од страна на судовите во случај на одбрана за сиромашни и да се избегне фаворизирање на адвокати на штета на ефективна одбрана, потребно е во рамките на Адвокатската комора на РМ да се воспостави независен механизам за оцена на квалитетот на обезбедената одбрана.

Нема подетални процедури за остварување на правото на бранител

„Посебно загрижува дисфункционалноста на пристапот до бранител во кривичната постапка. Нема подетални стандардизирани пишани процедури и механизми што ќе го обезбедат или олеснат остварувањето на правото на бранител на осомничениот кога тој е повикан на испитување во полиција, особено ако е лишен од слобода, што е само една од причините зошто осомничените во Република Македонија речиси никогаш не користат бранител во полиција. Потребата од надминување на невоедначеното толкување поради непрецизност на одредени законски одредби и нивната практична примена, хармонизирање со новодонесените директиви на ЕУ и исполнување на препораките од ГРЕТА, се основа за измени и дополнувања на ЗКП“, се посочува во Стратегијата.

Постои невоедначена практична примена на одредени законски одредби

Во Акцискиот план за спроведување на Стратегијата, исто така,  се посочува прашањето за измени на ЗКП.  Во таа насока, во планот се потенцира дека измените на  ЗКП се потребни заради:

  • Хармонизирање со новодонесените директиви на ЕУ поврзани со правото на толкување и преведување во кривичната постапка, правото на информирање во кривичната постапка, заштитата на личните податоци во рамките на соработката во казнените предмети, за стандардите за правата, поддршката и заштитата на жртвите на кривичните дела.
  • Разгледување и дополнување на веќе подготвените измени и дополнувања на ЗКП заради надминување на невоедначеното толкување и невоедначена практична примена на некои одредби.
  • Прецизирање на одредбите во однос на определувањето, продолжувањето и укинувањето на мерката притвор.
  • Прецизирање на одредбите за спогодувањето за кривична санкција
  • Изготвување на Закон за државен фонд за компензација на жртвите.