/ Прочитано:

1.232

Водата не е стока за широка потрошувачка: европското граѓанство во борба за водата како основно човеково право

На Светскиот ден на водата, симболично прогласен од УНЕСКО на 22 март, граѓанството на Европската унија се наоѓа пред тежок испит. На сите страни пристигнуваат писма од поединци, од здруженија, од општински совети, од градски и државни управи, во кои недвосмислено се отфрла иницијативата што е моментно предмет на расправа во Европскиот парламент. Тврдејќи оти е неопходно да се создаде единствена правна подлога и да се зајакне борбата против корупцијата, Европската комисија поднесе предлог-директива за давање под концесија на изворите на чиста вода за пиење. Сред притисоците на моќните лоби-групи во Брисел и спроти ламтежот на гигантските мултинационални компании, кои сериозно можат да ги нарушат организацијата и начинот на водоснабдување на локално ниво, граѓаните на Европа поведуваат борба за водата како општо добро. Отфрлајќи каква било можност за загрозување на правото на човекот на пристап до вода, поддршка во таа насока изразуваат Уранија Пировска и Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во наметнатата контроверзија поврзана со водата како човеково право во европски контекст мора да се запазат две ограничувања. Прво, предложената предлог-директива не води автоматски кон приватизација на водоснабдувањето. Секое ниво на јавната власт засебно одлучува дали ќе додели концесија или самостојно ќе ги управува и ќе ги стави на располагање јавните добра. Сепак, ова е само теоретски поглед. Второ, во досегашната практика се забележани бројни примери на држави и на општини во ЕУ што издавале концесии: со намера да се санираат ранливите буџети, процентот на услуги и дејности дадени под концесија рапидно се зголемува. Ова, пред сè, важи за земјите во Јужна Европа, каде што незапирливо напредува приватизацијата на водените ресурси за да може да се спасат општинските, градските или државните каси. Без понатамошно надградување, главниот проблем е што централна оска на стратегиите на приватните компании се профитот и дивидендите за акционерите, а не благосостојбата и просперитетот на граѓаните.

Надвор од каква било дискусија е фундаменталната правна рамка: Резолуцијата 64 на Обединетите нации од 2010 година недвосмислено го утврдува човековото право на пристап до вода, при што сите 192 земји-членки на ОН мора да го признаат и строго да се придржуваат на негово почитување. Дотолку повеќе, оттаму произлегува и обврската на државата да го обезбедува пристапот до вода исклучиво по достапни цени. Меѓутоа, прашањето што се наметнува е: што кога пазарот не може да гарантира фер и достапен пристап до вода? Бездруго, водоснабдувањето отсекогаш имало форма на монопол: со оглед на структурните и на инфраструктурните услови, во оваа област речиси и не може да се воспостави конкуренција, а тоа наголемо отвора простор за „пумпање“ на цените на водата за пиење ако се има предвид интересот на приватниците за стекнување крупни приходи. На истата линија, инфраструктурата на мрежата за водоснабдување се амортизира по значително долго време, а договорите за концесија најчесто истекуваат пред да се наложат какви било неопходни вложувања. Така, компаниите ем одбиваат да инвестираат, ем ги зголемуваат цените на испорачаната вода.

Ограничувањето на слободата на општините за носење одлуки со сериозни последици врз комуналната грижа за граѓаните

Последиците лесно може да се препознаат во примерите на повеќе единици на локалната самоуправа во Франција. Во тамошните општини, инфраструктурата на мрежите за водоснабдување е оставена на забот на времето, поради што водата за пиење мора на подлежи на темелно чистење и на масовно хлорирање. Цените, сепак, се повисоки за 150 отсто во споредба со оние пред десет години. Во меѓувреме, многумина политичари — надвор од какви било политички линии — побараа реорганизирање на комуналното водоснабдување. Нивните барања се темелат на фактот за водата како јавно добро, а не стока; следствено, не само што секој мора да има пристап до неа, туку мора да може и да си ја дозволи. Сè уште постојат земји низ Европа во кои околу два милиона луѓе немаат чиста вода за пиење или, пак, соодветни механизми за отстранување отпадни води. Отфрлајќи каква било можност за загрозување на правото на човекот на пристап до вода, поддршка во таа насока изразува и Уранија Пировска, претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права. За неа е неприфатливо и несфатливо да се одрекува и да се негира правото на човекот на пристап до чиста вода за пиење. Пировска подвлекува дека ако монополот на големите компании надвладее во случајов, неодминливо би се довел во прашање опстанокот на општините. Тоа, пак, само по себе директно ќе ја загрози положбата на граѓанинот, чиј достоен живот во голема мера зависи од комуналната грижа.

Ако новата директива на ЕУ влезе во сила, слободата на одлучување на општините значајно ќе се ограничи. При доделувањето концесии во иднина, тие би морале да се придржуваат единствено на тендери на европско рамниште, коишто обезбедуваат минимум 8 милиони евра во приходи. Единствено доколку услугата се оствари со повеќе од 80 отсто во определената општина и ако водоснабдувачкото претпријатие се консолидира во нејзиниот буџет, обврската за распишување ваков тендер може да отпадне. Ваквите исклучоци предвидени со новата директива се исклучително комплицирани и тешко остварливи од правен аспект. Нејзината примена ќе го зголеми притисокот за распишување исклучиво европски — наместо локални — тендери за доделување концесии. Можноста за пријавување на овие тендери стои отворена и за градските јавни претпријатија, но тие во ниту еден поглед не се моќни за да можат да се натпреваруваат со големите европски и светски концерни, и да ја заменат нивната понуда. Во таа насока, Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет, наведува повеќе причини зошто водоснабдувањето треба да остане во надлежност на државите, односно на локалните самоуправи.

„Од една страна, приватниот сектор може позитивно да придонесе кон практикувањето на човековото право на пристап до чиста вода, но од друга може да создаде проблеми со загадување, прекумерно исцрпување, прекини во водоснабдувањето, нелегални исклучувања, високи цени и несоодветно водоснабдување на ранливите категории и социјално загрозените граѓани. Поради сите наведени причини, пожелно е водоснабдувањето да остане во надлежност на државите, односно локалните самоуправи; евентуалната приватизација или концесионирање на овој сектор мора да биде проследена со промена на законските прописи кои ги уредуваат областите на водоснабдувањето, анти-монополската заштита, како и заштитата на потрошувачите. Покрај нормативната правна заштита, неопходно е и формирање државно регулаторно тело кое ќе се грижи за остварувањето на правата на граѓаните, ќе врши редовни контроли на квалитетот и цената на услугата, а неговите одлуки ќе бидат задолжителни за правните субјекти снабдувачи на вода“, вели Стојановски.

Најпосле, цената неминовно ќе ја платат работодавачите присилени да отпуштаат работници и под притисок да ги намалуваат платите од година на година; граѓаните преку „напумпаните“ цени на водата за пиење, како и општините преку губењето на надлежноста и контролата врз круцијалните сегменти на јавните услуги. За новата директива, Европскиот парламент ќе гласа напролет. Простор за дискусија и за издејствување промени на европско рамниште има сè уште.  Во таа насока, пример за углед е европската граѓанска иницијатива „Водата е човеково право“, која досега собра 1,3 милиони потписи на граѓани од различни земји-членки. Ваквата можност, сепак, многу зависи од подготвеноста на граѓаните на ЕУ да се заложат за подобра иднина во духот на изворните вредности на европското обединување. Разнишаниот европски идентитет на граѓанството на Унијата — фатална последица на еврокризата — допрва треба да ги залекува своите рани и да го покаже во полна сила потенцијалот на граѓанското општество да внесе промени.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 22.03.2012