Водич низ политиките, институциите и законодавството на Европската Унија: Правда, слобода, безбедност
ЕВРОТИНК – Центарот за европски стратегии објави Водич низ политиките, институциите и законодавството на Европската Унија: Правда, слобода, безбедност.
Она што го разликува овој документ од сите досегашни препораки и документи за јавни политики објавени на теми поврзани со Европската Унија е што ова четиво има цел да ги води читателите низ комплексната правна и институционална структура на областите во рамките на Поглавјето 24.
Потребата од создавањето на овој документ произлегува од фактот што, за разлика од поголемиот дел од другите поглавја, Поглавјето 24 не подразбира една заедничка политика на правда, слобода и безбедност. Со оглед на обемноста и сеопфатноста, постојат одделни заеднички политики што се составен дел на ова подрачје, но дел од политиките сè уште се во фаза на развој.
Документот дава историски осврт на развојот на Европската Унија како област на правда, слобода и безбедност, процесот на пристапните преговори и клучните фази низ кои Република Северна Македонија ќе треба да помине на патот кон европската интеграција и ја претставува концептуалната, стратегиска, правна и институционална рамка за секое од подрачјата во рамките на Поглавјето 24.
Водичот вклучува и финансиската рамка за Поглавјето 24 и финансиските инструменти што ѝ се на располагање на Северна Македонија за натамошно усогласување на законодавството и институционалниот и административен капацитет за спроведување.
За подготовката на овој водич беа користени официјалните извори на институциите на Европската Унија, извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, како и академска литература, извештаи на институции и други документи. Водичот низ политиките на ЕУ за слобода, безбедност и правда од авторите Соња Стојановиќ-Гајиќ и Дражен Маравиќ, како сеопфатен сличен релевантен документ издаден во регионот на Западен Балкан, исто така, претставуваше важен извор и појдовна точка за натамошна разработка на секоја од областите.
Професионалното искуство и знаење на авторките и авторите беше најважниот ресурс што овозможи реализација на основната идеја за креирање практичен и релевантен водич, кој ќе им биде на располагање на сите чинители во македонското општество што се директно или индиректно засегнати од евроинтеграциските процеси.
M.В