/ Прочитано:

2.100

ВОЕДНАЧЕНОСТА НА СУДСКАТА ПРАКСА КАКО ПРЕДИЗВИК: Мора да се промени начинот на правното и судиското размислување

Центарот за правни истражувања и анализи и ИПА-проектот за правосудството во областа на судската пракса во македонското судство одржаa настан посветен на заедничките активности на програмата за подобрување на квалитетот на правдата во Македонија.

akademik foto 1

Воедначеноста на судската пракса во Македонија беше темата за која на настанот дискутираа македонските судии, адвокати, универзитетски професори, како и експерти од ИПА-проектот за правосудство и пробација.

Во таа насока, на настанот се говореше за потребите и можностите за воедначување на судската пракса, за предизвиците и активностите во делот на воедначувањето на судската пракса, а стана збор и за образовните аспекти за воедначувањето на судската пракса. На настанот се презентираше и начинот на кој функционираат веб-страниците во делот на судската пракса, а беа елаборирани и идните чекорите кои треба да ги преземат правосудните институции.

На настанот беше нагласено дека треба да се заземе цврст став при толкувањето на законот, вклучувајќи го и Уставот, за тоа дали преседанот може да се третира како извор на право и како средство за аргументирање.

akad 2

Според истражувањата на ЦПИА, основните судови, како судови кои први работат на предметите, се најверојатно во најдобра позиција да ја анализираат судската пракса и соодветно да ја развијат.

Но, како дополнување на проблемите кои веќе беа потенцирани од судовите, тие ги посочуваат и следниве области кои се нужни за унифицирање на судската пракса: пристапот до информации и недостигот од ефикасен систем за управување со информации, недостигот од расположливи правни лекови за упатување на одредени важни правни прашања кон Врховниот суд, недостигот од комуникација со другите судови од исто ниво, во поглед на размената на информации за судската пракса, како и неможноста за назначување судија кој ќе биде целосно одговорен за судската пракса.

Повисоките судови како пречка кон развојот на судската пракса ја посочуваат и неможноста на судијата, кој е назначен за развојот на судската пракса, целосно да се посвети на оваа задача поради постојната обврска да постигне норма на предмети на месечно ниво како и останатите судии.

akademik foto 1

Прашањето за ефектот на судската пракса треба да биде адресирано во смисла на тоа дали е обврзувачко за пониските судови и до кој степен, првично во однос на правните мислења и, поважно, во однос на начелните ставови дадени од страна на Врховниот суд, за да се избегнат какви било сомнежи при толкувањето.

Главната улога во хармонизирањето, унифицирањето и воведувањето на националната јуриспруденција во согласност со постојната правна рамка треба да ја има Врховниот суд како највисока судска власт. Некои промени, посочуваат од ЦПИА, треба да се разгледуваат во рамките на постојните закони, имено, промена во Законот на судовите и релевантните закони, со што треба да се овозможи да биде назначен судија задолжен за судската пракса кој делумно или целосно ќе биде ослободен од својата работа за да може поефикасно да ја врши својата должност.

За судската пракса голема улога има и ажурирањето на судските портали со релевантни судски пресуди, а од суштинско значење се и образовните аспекти за воедначување на судската пракса.

akademik foto 1

Адвокатот и правен експерт Атанас Георгиевски, повикувајќи се на искуствата од едукативните настани одржани во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ вели дека едукативните бенефиции во контекст на судската пракса биле од големо значење за македонските судии, обвинители и адвокати.

На овие настани, истакна Георгиевски, акцентот беше ставен на тоа како се користат одлуките, а во контекст на еволутивниот начин на размислување, примарно во смисла на поквалитетното образложение на одлуките. Споредбено со други години, потенцираше Георгиевски, и поновите одлуки на Стразбур се поконцизни и појасни за читање, што значи дека и кај овие судии има еволутивен пристап во размислувањето.

Во таа насока, проф. д-р Гордана Бужаровска-Лажетиќ посочи дека се неопходни промени во начинот на правното размислување и дека не е во ред да се губат случаи пред Европскиот суд за човековите права поради невоедначена судска пракса.

akademik foto 1

„Начинот на правно размислување е нешто што мора се промени и некои работи мора да се приспособат. Факт е дека тестот на домашното законодавство ни е пред Судот кој работи според прецедентното право“, истакна професорката Бужаровска, подвлекувајќи дека промените настануваат и во самиот Суд во Стразбур што укажува на тоа дека и судската пракса може да се менува затоа што таа на е застанат процес.

Секогаш треба да се има на ум, додаде професорката, дека, според домашното законодавство, и судијата во еден дел има улога на законодавец, особено при постоењето на правните празнини кои не треба да бидат пречка за судијата да постапи, туку негова законска должност да одлучи во конкретен случај кога ќе наиде на такви празнини.

Професорката резимираше дека судиите во пресудите почесто треба да се повикуваат на стразбуршката пракса, а во нивната работа треба да имаат соодветна логистичка поддршка, а сè со цел да се носат квалитетни пресуди со аргументирани образложенија.

М.В