Воислав Шешељ ќе се појави како сведок на одбраната во процесот против Радован Караџиќ
Четврток, 23 мај 2013 – Лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, следниот месец, пред Хашкиот трибунал ќе сведочи во одбрана на поранешниот претседател на Република Српска, (РС), Радован Караџиќ.
Воислав Шешељ е обвинет за злосторства против Хрватите и муслиманите во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, извршени од 1991 до 1993 година. Тој моментално се наоѓа во притвор, каде што го чека изрекувањето на пресудата, закажано за 30-ти октомври.
Радoван Караџиќ е обвинет за прогон на муслиманите и Хрватите низ Босна и Херцеговина, за геноцид во Сребреница, за тероризирање на населението во Сараево со артилериски и снајперски напади и за земање на мировници на Обединетите нации како заложници.
Според обвинението, Караџиќ и Шешељ учествувале во здружен злосторнички потфат, чија цел била трајно протерување на несрпското население од голем дел на територијата на БиХ, што потоа би биле припоени во обединета српска држава.
Шешељ се наоѓа во притвор во Трибуналот, откако речиси пред цели 10 години, доброволно се предаде. Тој сведочеше и во одбрана на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, кој, според обвинението, го предводел злосторнички потфат.
Караџиќ, како сведоци на одбраната кои треба да се појават во јуни, ги најави и пензионираниот генерал на војската на РС, Здравко Толимир и полковник Љубиша Беара.