/ Прочитано:

873

Војникот кој соработувал со Викиликс се изјасни за виновен по 10 обвиненија, но негираше „помагање на непријателот“

Петок, 1 март 2013 – Американскиот војник Бредли Менинг се изјасни за виновен по обвиненијата дека бил изворот на Викиликс по однос на државните тајни на САД, но го негираше најсериозното обвинение – „помагање на непријателот“  за кое што може да заврши во воен затвор до крајот на животот. 

На вчерашното сослушување пред американскиот Воен суд, преку неговиот адвокат, Менинг  ја призна вината за 10 полесни обвиненија кои се однесуваат на предавање државни тајни на „неовластено лице“ во случајов Викиликс, кои би можеле да му донесат затворска казна до 20 години ако биде осуден. Менинг не ја призна вината за 12 посериозни обвиненија, меѓу кои и помагање на непријателот – идејата дека намерно и помогнал на Ал-Каеда дозволувајќи доверливи информации да се појават на Интернет, за што казната е доживотен затвор.

Менинг потврди дека сака судскиот процес да биде спроведен од страна на судијата, полковник Дениз Линд која ќе го води случајот сама, односно во отсуство на воена порота. Линд посочи дека по однос на признанијата на Менинг ќе се изјасни на некој подоцнежен датум.

Обвинителството соопшти дека има намера да ги продолжи овие 12 обвиненија на процесот кој треба да почне во јуни.